Недефинираните правила за изборно рекламирање како сива зона во политичкиот маркетинг
Овој текст е изворно објавен на ДОСИЕ од П.К. на 7.12.2021
Државната изборна комисија повеќе од една недела не одговара на прашањата дали и на кој начин е законски регулирано поставувањето на рекламни мегаборди на Јавни претпријатија за платено политичко рекламирање, нешто што не е пропишано во Изборниот законик. Но, и воопшто, дали овие локации претходно се пријавени да бидат дел од ждрепката на ДИК, во случај кога веќе го нудат просторот за рекламирање за време на кампања.
Ваков тип на рекламирање беше видлив и на станбени згради во неколку општини, од кои побаравме, но, не добивме одговори – како се одредува цената и дали постојат некакви ограничувања за поставување на вакви рекламни конструкции.
Плакати, билборди, рекламни паноа, мегаборди. Преку овие форми на рекламирање, политичките партии го „крадеа“ вниманието на граѓаните на јавен простор за време на предизборната кампања за локалните избори. За тој временски период, Здружението „Импетус – Центар за интернет, развој и добро управување“ го истражуваше платеното политичко рекламирање на учесниците во кампањата. Она што истражувачите го утврдија во анализата е дека непостоењето на јасни правила за „игра“ во законот, ја отежнува регулацијата на платеното политичко рекламирање и дава слобода во толкувањето на постоечките правила.
Закупувањето простор за билборди се спроведува според утврдени правила. Градот Скопје и општините им доделуваат определени локации на компаниите. Тие на овој начин генерираат приходи, плаќајќи извесна сума како надоместок за закуп. За време на изборната кампања, концесионерите може да понудат само половина од вкупниот број на нивни закупени локации за билборди за платено политичко рекламирање. Парите им се исплаќаат од трансакциските сметки на учесниците во изборната кампања, отворени исклучиво само за оваа намена. Понатаму, Државната изборна комисија ги повикува правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди, да достават понуди за рекламни паноа и билборди со локации и ценовници до ДИК, согласно Упатството за распределба по пат на ждрепка.
„Од извршената проверка на интернет страницата на ДИК, понудите, односно пакетите на локации на билборди на секој понудувач не се јавно објавени, па оттука не може да се направи увид во нив. Ова е особено важно и претставува почетна точка од каде може да се утврдат цените за користење на билбордите кои им се нудат на учесниците во изборната кампања, кои локации се понудени. Имаше и ситуација на политичко рекламирање на автобуска постојка. Со рекламирањето на автобуските постојки и автобусите на ЈСП Скопје стопанисува компанијата – „Маратон“. Инаку оваа компанија не доставила понуда со локации за рекламни паноа и билборди за платено политичко рекламирање, согласно записниците од извршената ждрепка во ДИК“, се наведува во анализата.
Во споредба со претходните локални избори, бројот на понудувачи кои стопанисуваат со рекламниот простор е зголемен. Но, од друга страна има евидентно намалување на бројката на користење билборди, дури 146 помалку во споредба со 2017. За таа сметка, се зголемија бројките во делот на поставени мегаборди на станбени објекти и катни гаражи, за кои е спорно како подлежат на одредбите од изборното законодавство за надворешно рекламирање.
Мегаборди на згради и паркинзи
Надворешните ѕидови на станбени згради кај Собранието, во Кисела вода, на плоштадот „Македонија“, и неколку други локации беа буквално покриени со мегаборди од кандидати за градоначалници. Но, покрај објектите за колективно домување, вакви примери можеа да се забележат и на паркинзите на ПОЦ кај комплексот „Судска палата“ во Центар и катната гаража „Илинден“ во општина Аеродром. Со оглед на тоа дека овој формат на рекламирање, воопшто не е пропишан во Изборниот законик, побаравме информации на кој начин тие се поставени.
Од општина Центар не добивме одговори дали врши евентуални ограничувања кога се работи за ваков тип на рекламирање на згради во централното градско подрачје. Неодговорено остана и прашањето дали јавните претпријатија смеат да изнајмуваат простор на маркетинг агенции, кои пак понатаму ќе ги издаваат како локации за платено политичко рекламирање. Особено, ако се земе во предвид дека издавач на локација за политичко рекламирање може да бидат правни лица кои ќе достават понуди и ценовник за локации и кои ќе учествуваат на ждрепката во ДИК, како и општините и град Скопје, кои одредуваат локации за поставување на изборни плакати.
Од Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ се повикуваат на Статутот донесен во 2015 година, според кој велат дека имаат право да го издаваат под закуп својот имот. Како што наведуваат во образложението, тоа се должи на одлуката за давање на согласност за спроведување постапка за давање под закуп на рекламен простор на фасадата на „Судска палата“ и одлуката за давање согласност за поставување на рекламни објекти. И двете донесени во 2019 година.
„Согласно одлуките, рекламниот простор кој се наоѓа на фасадата на катната гаража ,,Судска палата,, во транспарентна постапка преку јавен повик е издаден под закуп за период од 15 години на економскиот оператор Друштво за услуги „ФИКА ЛИМИТЕД ДООЕЛ Скопје“ со склучен договор за закуп на рекламен простор од 25.06.2020 година. Закупецот, редовно плаќа закупнина и одговорноста за содржината на рекламните паноа паѓа единствено на товар на закупецот, додека пак закуподавецот Јавното претпријатие не одговара на ниту еден начин“, се вели во одговорот на ПОЦ.
Но, Изборниот законик го пропишува платеното политичко рекламирање, а не обично давање под закуп на рекламен простор. Затоа, се обративме и до ДИК, од каде пак, добивме молк на прашањето за издавањето локации од маркетинг агенциите за политичко рекламирање. Како и за тоа, дали локацијата кај ПОЦ е пријавена од маркетинг агенцијата за да биде дел од ждрепката, во услови кога го нуди просторот за политича реклама.
За рекламирањето на зградата на ПОЦ, веќе постапувала Антокорупциската комисија.
„Во однос на рекламирањето на катната гаража во сопственост на ЈП ПОЦ, ДКСК постапуваше по доставена пријава со наводи за злоупотреба на службена положба – директор на ПОЦ за финансирање на изборна кампања. Обезбедените документи не ги потврдија наводите за што на 54 –та седница се донесе одлука која ја објавивме. За другата локација која ја посочувате во Аеродром како и за другите облици на рекламирање, ДКСК ќе има конечни податоци откако учесниците ќе ги достават извештаите за остварените приходи и трошоци за време на изборната кампања, но и извештаите од правните лица кои располагаат со овие објекти“, ни одговорија од ДКСК.
Од општина Аеродром, пак, велат дека рекламирањето на јавни површини, за чија согласност мора да има од општината или градот Скопје, е регулирано во член 73 Законот за градење, според кој, одобрение за градење не е потребно за рекламни и информативни паноа за површина над 30 квадратни метри.
Условите кои треба да се исполнат според членот 30 од Правилникот за форма и содржина на барање се: ревидиран основен проект, доказ дека урбаната опрема што се поставува е согласно Програмата на градот, документи каде ќе биде поставено паното и дека земјиштето каде се поставува е сопственост на државата. Доколку е во приватна сопственост, потребен е договор за долготраен закуп. Тој Правилник, како што наведуваат од општината, го регулира и поставувањето на мегаборди на станбени згради.
„Потребен е договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици на посебните делови од објектот, кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот, доколку паноата се поставуваат на зграда во етажна сопственост. Односно има писмена согласност од сопственикот /сопствениците доколку се поставуваат на индивидуален објект“, стои во одговорот од општина Аеродром.
Освен, прописот како се регулира, изостана одговорот за тоа како се одредува цената и дали постојат некакви ограничувања од страна на општината за поставување рекламни конструкции на згради за колективно домување.
П.К.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Платено политичко рекламирање на билборди“ што го спроведува Здружение ИМПЕТУС.