РЕКЛАМИРАЊЕТО НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И КАНДИДАТИ НА БИЛБОРДИ // ИЗБОРИ 2021
Овој извештај ги презентира резултатите од мониторирањето на локациите и содржината на рекламните паноа/билборди за време на изборната кампања за локалните избори, октомври 2021 година.
Целта на ова истражување е да ги набљудува, согледа и провери активностите на учесниците во изборната кампања на локалните избори 2021 година, поврзани со надворешното рекламирање, да ги идентификува предизвиците што произлегуваат од законската рамка, потенцијалните ризици од корупција и спроведувањето во целост на членот 78-а од Изборниот законик.
Билбордите се медиуми за надворешно рекламирање, реклами на отворено, поставени на најфреквентните сообраќајници/рути на движење/патни правци на граѓаните и возилата, привлекувајќи го вниманието, комерцијален рекламен простор за маркетинг кој се користи и во изборната кампања.
Закупување на локацијата за реклама се спроведува според утврдени правила како и секоја друга постапка за јавна набавка. Локациите определени од страна на општините и Градот Скопје им се доделуваат на концесионерите (правните субјекти/маркетинг агенциите/компаниите). Тие на овој начин генерираат приход, бидејќи концесионерите плаќаат извесна сума како надоместок за закуп.
Пред да почне изборната кампања, концесионерите доставуваат понуда (со пакети на локации во сите општини) до Државата изборна комисија, во која треба да понудат само половина од вкупниот број на нивни/закупени локации за билборди, за да се користат за платено политичко рекламирање. ДИК, по пат на ждребка, врши распределба на понудените пакети со локации за учесниците во изборната кампања, по основ на веќе утврдени проценти во Изборниот законик.
За парламентарните избори во Северна Македонија, јуни/јули 2020-та година, Здружението „Импетус“ изработи интерактивна онлајн мапа и анализа на политичкото рекламирање на билбордите за време на изборната кампања, кои се достапни на официјалната интернет страница на проектот. Потоа достави до ДКСК конкретни препораки и предлози за попрецизно регулирање на овој вид рекламирање во изборното законодавство, врз основа на направените истражувања и наодите од истото.