Dik

Изборно рекламирање преку билборди – или сѐ она што не е забрането е дозволено

Овој текст е изворно објавен на Досие.мк од П.К. на 21.03.2022

Изборниот законик во земјава го регулира начинот, условите и постапката за одржување на изборен процес. Но, непосредно пред секои избори, независно дали се локални, парламентарни или претседателски, законот претрпува измени, спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Одредени измени, се чини, дека се носат брзо како на лента. Од друга страна, се уште остануваат во нерегулирата сфера, која е подложна на политички злоупотреби, поради многу непрецизни одредби. Токму такви се одредбите во делот на рекламирање преку билборди и рекламни паноа.

Првиот Изборен законик е донесен во 2006 година. Низ годините, се до крајот на 2021 година, претрпел многу измени. Анализата на ДКСК на Изборниот законик во последните 10 години, покажува дека се направени 32 интервенции, од кои 22 се измени и дополнувања на законот. За ниту една од нив, не е одржана ниту јавна расправа за донесените решенија.

„Најголем број промени претрпеле одредбите со кои се уредува спроведувањето на изборната кампања и тоа 14 пати, односно одредбите за начинот на рекламирање, финансирање и известување, што од своја страна создава несигурност и неизвесност во постапувањето на засегнатите страни во изборниот процес. Во јавноста се појавува сомнеж дека политичките партии и покрај спротивставените политички идеологии, секогаш имаат ист став и заеднички интерес кога постои можност измените да овозможат поволни извори за финансирање на изборната кампања, подобра позиција и позитивен исход на изборите“,

пишува во анализата на ДКСК направена по локалните избори. 

Во временскиот период на изборната кампања, до ДКСК беа поднесени вкупно три приговори за изборно рекламирање. Од нив, Комисијата донесе одлука за два од нив дека се одбиваат. Причината за таквото решение, како што се наведува, се нејасно дефинираните начини на постапување на учесниците во изборната кампања, во доменот на платеното политичко рекламирање, како и рекламирањето преку билборди.

Токму на овие проблеми посочува и невладината организација „ИМПЕТУС“ во неодамна објавениот мониторинг на финансиските извештаи за изборната кампања во делот на билбордите.

„Учесниците во изборната кампања користеле фирми за рекламирање на рекламни паноа и билборди кои не се регистрирани како понудувачи официјално во ДИК и не се влезени во ждрепката од член 78-а, став 4 од Изборниот законик. Злоупотребата се јавува поради тоа што не постои санкција во Изборниот законик доколку се користи правно лице кое не е регистрирано за ждрепка во ДИК, за изнајмување на локации за билборди. Ова треба да се измени, бидејќи се доведува под прашање интегритетот на процесот, објективноста на процентите на ждрепка и начинот на пресметувањето на процентите што го прави ДИК“,

се дел од клучните наоди во анализата на „ИМПЕТУС“.

Законски, политичките партии имаат право на закуп на политичко рекламирање на рекламни паноа и билборди според моделот 40% за позицијата, 40% за опозицијата, 10% за оние кои немаат пратенички групи во Собрание и 10% за вонпарламентарни партии и независни кандидати. Но, тоа во пракса функционира поинаку.

Но, учесниците во изборната кампања, како што анализира „ИМПЕТУС“, користеле фирми за рекламирање кои не се регистрирани како понудувачи официјално во ДИК. Такви се примерите кај политичката Левица која платила рекламно пано на компанијата „Тајм Борг“. Потоа, партијата ПОДЕМ која за симболична сума добила простор за реклама од компанијата „Зашев ДООЕЛ“ и Групата избирачи на Данела Арсовска, која користела услуги од „Маратон ГРУП ДООЕЛ“. И трите компании не се евидентирани како понудувачи.

Единствен одговор на прашањето упатено до тројцата учесници во кампањата, успеавме само да добиеме од партијата ПОДЕМ, која всушност, и не даде конкретно објаснување зошто е ангажирана компанија која не е дел од ждрепката на ДИК.

„На неколку дена пред завршување на првиот круг од локалните избори 2021-ва, посочениот билборд беше слободен и наши претставници остварија контакт со претставник на фирмата која стопанисува со истиот, и по плаќањето се изврши закупувањето. Тоа е и единствен билборд кој ПОДЕМ го изнајми на неколку дена пред крајот на изборната кампања“,

одговорија од партијата.

Но, Изборниот законик нема механизам преку кој може дополнително да се следи „предавањето“ на локациите меѓу учесниците во кампањата и како тоа влјиае на процентот на распределба. На овој проблематичен аспект предочуваат и од невладината „ИМПЕТУС“, од каде велат дека нема критериуми за дополнителна дистрибуција на неискористени локации, ниту пак обврска да се пријави доколку дојде до тоа. Од друга страна, ДИК нема надлежност да утврди колкав е максималниот број на локации кои еден кандидат може да ги закупи. 

Инаку, Изборниот законик не предвидува санкција доколку се пристапи кон користење на правно лице кое не е регистрирано во ДИК за изнајмување на локации за билборди. Па логично, се поставуваат неколку дилеми – дали на овој начин се доведува во прашање процесот на ждрепка што го спроведува институцијата? Како рекламирањето преку компании кои не се евидентирани во Државната изборна комисија влегуваат во процентуалната застапеност и дали воопшто на овој начин се губи смислата за пресметувањето на процентите нормирани во член 78-а, став 4 од Изборен законик? Молк е единствениот одговор кој го добивме на прашањата испратени до ДИК пред повеќе од три недели.

„Скенираните“ недостатоци на изборното рекламирање преку билборди и рекламни паноа за време на кампањата на „ИМПЕТУС“ и Антикорупциска упатуваат на донесување измени или целосно нов Изборен законик.

Според антикорупционерката Катица Николовска, одредбите од членот 78-а кои се однесуваат на надворешното рекламирање преку билборди и паноа е неопходно да се редефинираат.

„Потребно е да се обезбеди процентуална распределба на рекламен простор и за помалите партии и кандидати, а во зависност од тоа и сразмерна распределба на средствата за платено политичко рекламирање од Буџетот на РСМ во корист на помалите партии и кандидати. Секон начин на рекламирање да се уреди со донесување подзаконски акти, со кои појасно ќе се прецизираат правилата на игра меѓу партиите, органите на управа и правните лица кои стопанисуваат со локациите и нудат услуги за рекламирање,

смета Николовска.

За унапредување на изборниот процес, препораките на кои посочува Николовска од ДКСК се однесуваат на номинирање институција која ги донесе подзаконските акти и ќе ги контролира и казнува политичките партии кои во иднина ќе функционираат надвор од законот, нешто што досега не беше пракса.   

„Тековното рекламирање на партиите, нивните активности во „предвремено започната кампања“, рекламирањето на учесниците во изборната кампања на начин, форма и простор кој не е предвиден во Изборниот законик, исто така, е резултат на тоа што не е предвидена институција која секојдневно, но и за време на изборите тоа ќе го следи на терен. Се препорачува да се номинира ДКСК за институција која ќе врши надзор над редовните и изборните активности на политичките партии со законски механизми за тековен мониторинг, со механизми за санкционирање и казнување, со обезбедени ресурси, ќе биде солидна основа новото законско решение да обезбеди регулирање на сите претходно објаснети сфери“,

вели Николовска.  

Усовршување на законското решение најавуваат и од Министерството за правда, од каде велат дека сите забелешки и предлози ќе бидат земени во предвид.