Потребна е поголема контрола на патот на парите кои се движат на релација приватна компанија – политичка партија!
Овој текст е изворно објавен на ДЕНАР од И.П. на 18.12.2020
Начинот и транспарентноста на финансирање на политичките партии од секогаш била и ќе остане скокотлива тема во јавноста. Кој ги полни касите на политичките партии, и каков бенефит потоа добива назад е прашањето кое со години се истражува во обвинителството, антикорупциските комисии и во нивинарските редакции. Тешко е да се докаже поврзаноста помеѓу бизнисот и политиката, иако доказите се повеќе од очигледни и забележителни. Здружението „Импетус“ Центар за интернет, развој и добро управување спроведе истражување на тема финансирање на политички партии и изборна кампања, а според податоците до кои дојдоа велат дека се потребни измени на законски решенија за подобра контрола на патот на парите кои ги добиваат политичките субјекти.
На тема финансирањето на политичките партии многу често се занимава и истражувачката мрежа БИРН. Нивниот став по ова прашање е дека истражувањето на оваа проблематика е многу поинтересна и повозбудлива тема во последниве години откако значително се зголемија сумите од државниот буџет што тие ги добиваат. Но ништо помалку интересни се и донациите од приватни компании, вели Гоце Трпковски од БИРН. Тој смета дека не треба да се заборави дека системот во кој што живееме го градиме како демократија. Тоа подразбира дека секој поединец или фирма може да ја поддржи која било партија, вклучително и финансиски, во рамките на законските лимити што постојат за тоа. Но вели дека тоа не значи дека, таа фирма потоа треба да биде исклучена од учеството на тендери, ниту дека ако добие тендер, со сигурност можеме да тврдиме дека тој е наместен. Но за такви случајности може да се зборува ако се инцидентни случаите во кои некој партиски донатор добива тендери, или ако нема дополнителни сомнителни елементи.
„ Што се случува кај нас? Од она што го имаме ние откриено, има пример во кој фирма, откако дојде нејзината партија на власт, одеднаш почнува да победува на тендери и тоа против поголеми и посилни фирми од неа. Или, пак, фирма на која над 90 отсто од приходите и доаѓаат од јавните набавки на институциите што ги раководи политичката партија каде што таа донирала. Јасно е дека веќе не можеме да зборуваме за случајности и дека финансирањето на политичките партии е плодно поле за корупција и покрај промените и реформите што се правеа во оваа област низ годините. Она што го имаме забележано во нашата работа е и отсуството на посериозна реакција од бизнис-заедницата, вклучително и од директните конкуренти на компаниите, дури и кога постои силен сомнеж дека станува збор за нешто повеќе од коректен тендерски натпревар во кој случајно учествува и некој партиски донатор“, вели Гоце Трпковски новинар од истражувачката мрежа БИРН.
Во истражувањето на Здружението „Импетус“ се наведува дека, како и кај редовното финансирање, изборната кампања не смее да се финансира од средства од јавни претпријатија и јавни установи, од здруженија, верски заедници, религиозни групи и фондации, странски влади, меѓународни институции, органи и организации на странски држави. Дополнително, организаторите на изборите имаат обврска да водат контрола на финансирање на политичките партии. Наодите на Импетус покажуваат дека потребни се подобрувања на законските решенија за подобра контрола врз финансирањето на партиите.
„Потребни се измени во законската рамка, пред сè во делот на контролата на финансиското работење на политичките партии, со најголем акцент на контролата на донациите. Имено, треба да се направат законски измени во Законот за финансирање политички партии каде што Државниот завод за ревизија ќе врши контрола на донациите на годишно ниво заедно со ревизијата на годишните финансиски извештаи на политичките партии. Контролата би требало да биде задолжителна за секоја политичка партија регистрирана во Централниот регистар на РСМ и истата би се вршела еднаш годишно. Контролата би се однесувала на максималниот износ кој едно лице може да го донира во секоја политичка партија“, стои во истражувањето.
Од Државната комисија за спречување корупција ни соопштија дека во ваквите случаи не може да се зборува за судир на интереси од причина што законската можност за финансирање преку донации од правни лица не забранува уплата на донации од фирми во сопственост на членови на партиите, освен ако се над законски дозволените износи, а најголем дел од донациите од физички лица се од членството на партиите. Антикорупционерите го цитираат членот 31 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси во кој се наведува дека ДКСК има надлежност да врши испитување на финансирањето на политичките партии доколку постои сомневање за незаконско финансирање. Додаваат дека преку системот за јавни набавки вршат проверки за доделени договори на правни лица кои се јавуваат како донатори во изборните кампањи, па антикорупционерите наведуваат дека ќе донесат соодветни решенија за отпочнување на постапка за испитување на финансирањето на политичка партија.
„Што се однесува до финансирање од законски недозволени извори, ДКСК за време на изборниот процес за предвремените парламентарни избори 2020 година, врз основа на доставените Извештаи со образец за примени донации на сметката и доставените вкупни финансиски извештаи со спецификација на трошоците за приходите и расходите во изборна кампања, доби сознанија дека неколку партии обезбедиле финансирање од незаконски извори. ДКСК упати барања до Државниот завод за ревизија и Управата за финансиско разузнавање, во рамки на нивните надлежности да извршат соодветни проверки и за утврдените состојби до ДКСК да достават извештаи. По добивањето на овие извештаи и наводите во нив, ДКСК ќе преземе соодветни активности и ќе достави барање до надлежните органи – судови за покренување постапка (доколку има такви наводи)“, вели Катица Николовска член на Државната комисија за спречување корупција.
Во истражувањето исто така се наведува и дека потребни се промени во Законот за спречување корупција и судир на интереси, како и на Изборниот законик во делот на временските рокови за достава на финансиските извештаи со казнени одредби. Но, за подобра контрола треба да бидат вклучени и Државниот завод за ревизија во соработка антикорупциската комисија и Управата за јавни приходи кои на некој начин ќе развијат систем кој треба да го контролираат потеклото на уплатените средства кои се дадени во вид на донации. На тој начин ќе се намали просторот за корупција и незаконско финансирање на политичките партии.
Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.