Glasanje izbori sobranie

Нов Изборен законик – шанса за реформа на изборното рекламирање

Извор: mkd-news.com | Објавено: 14/02/2026 10:27

Непропорционалната распределба според член 78-а од Изборниот законик и сивата зона околу рекламирањето (преку билборди, мегаборди, плакати, рекламни паноа), проблематизирани од ОБСЕ/ОДИХР и невладината организација ИМПЕТУС во неколку изборни цикслуси, сега добиваат можност за ревизија во работната група која треба да го изготви новото законско решение.

Со подготовката на новиот Изборен законик со рок до јуни 2026 година, временски рок кој си го зададе самото Министерство за правда, работната група во Собранието добива шанса да ги реши сите евидентирани предизвици од парламентарните, претседателските и локалните избори, вклучително финансирањето на кампањите, предвремената кампања, спорните моменти со рекламирање на билборди и други форми кои воопшто и не се предвидени со актуелното законско решение.

Сегашното имплементирање на Изборниот законик за време изборите со распределбата на просторот за плакати и билборди непропорционално ги фаворизира големите партии за сметка на помалите и независните кандидати. Досегашните анализи во оваа сфера од невладината организација „ИМПЕТУС“ беа констатирани низа недоследности, правни недоречености, но и непочитувања на правната регулатива. Односно дека ваквите одредби се непропорционални и во корист на одредени парламентарни партии за сметка на помалите партии и независните кандидати.

Од друга страна, со постојното законско решение, политичките партии имаат право на закуп за политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди и тоа – 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови; 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови; 10% од вкупниот број се на парламентарните партии кои немаат пратенички групи во Собранието и 10% од вкупниот број се достапни на вонпарламентарните партии и независни кандидати.

Процесот технички започна

Процесот за измени или создавање на нов Изборен законик го води претседателот на законодавниот дом Африм Гаши.

Засега, партиите именуваа свои членови кои ќе учествуваат во работната група – координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски и Јована Тренчевска, од ДУИ поранешната пратеничка Арта Биљали Зендели, како и Блерим Беџети, а од Левица – Борислав Крмов и Реџеп Исмаил. Од крилото на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села, претставници ќе бидат пратениците Илире Даути и Елми Азири, од крилото на Арбен Таравари се пратениците Ријад Шаќири и Халил Снопче, додека од Партијата на Турците е пратеникот Бејџан Иљас и од ЛДП Моника Зајкова.

„Тие предложија имиња, ние ги  препративме до Министерството за правда. Се слушнавме со министерот за правда дека многу скоро ќе ја имаме првата официјална средба, односно конститутивната седница на работната група, и така ќе се договориме за принципите на работната група на Изборниот законик. Се надевам дека ќе биде со зголемена динамика, ќе се одвиваат разговорите во Собранието  и на крај, заедно консензуално вклучени сите во процесот не само политичките партии, и експерти, сите други институции кои се имплицирани во изборниот процес да бидат дел од процесот за даонесеме Изборен законик кој ќе го прифатиме сите на крај ќе го изгласаме и ќе биде многу поквалитетен од претходните“, рече Гаши.

Претседателот на Собранието потенцира дека  се уште нема информации дали станува збор за целосно нов закон или само за измени на постојниот текст на Изборниот законик.

„Сè уште немаме таква информација. Тоа ќе биде доставено од министерот за правда на првата средба. Така  се договоривме на првата координација со Министерството за правда, кога ќе се формира работната група, да го имаме и текстот. Тогаш ќе видиме дали имаме текст за измени на Изборниот законик или за целосно нов текст“, рече спикерот Гаши.

Од Министерството за правда велат дека имињата на претставниците треба да се официјализираат, а и да се именува претседател на работната група. Последната информација која доаѓа од министерството во однос на законот е дека измени на Изборниот законик се изготвени од Министерството за правда во јуни 2025 година и во него се инкорпорирани дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

На прашањата до Државната изборна комисија, за чии членови беше истакнато дека ќе бидат поканети да придонесат кон подобрување на законсото решение, ги прашавме дали ќе иницираат или предложат законски измени на членот 78-а – за моделот на распределба на рекламирањето на учесниците во изборната трка и формите на рекламирање.

Од Државната изборна комисија велат дека кога ќе добијат официјална покана за учество во работните групи ќе дадат свој придонес од аспект на нашите надлежности и прашањата кои се во интерес на работата на ДИК, со цел спроведување на легитимен и транспарентен изборен процес. Но, конкретно за измени на членот78-а, велат дека „Комисијата не зазема став, тоа се прашања за политичките партии кои учествуваат во работните групи и за Собранието како законодавец“.

„Тоа се прашања за политичките партии кои учествуваат во работните групи и за Собранието како законодавец. Ние секогаш нашите забелешки и во работните групи и во Комисијата за измена на изборниот законик ги даваме од аспект за подобрување на имплементацијата на изборниот законик, односно од практична, правна и техничка примена на законот, и за прашања кои произлегуваат од практичното искуство и работата на ДИК. Комисијата ќе продолжи да делува во рамки на законските надлежности и истовремено да дава практичен придонес со предлози од својот делокруг на работа за зголемување на довербата во изборниот процес“, одговорија од ДИК.

Помалите партии допрва ќе ги координираат позициите

Во прелиминирниот извештај за локалните избори на 19 октомври 2025, ОБСЕ/ОДИХР експлицитно наведуваат дека изборите беа „негативно засегнати од системски правни празнини и недостатоци во надзорот на финансирањето на кампањата“, во контекст на политичка поларизација. Ова е дел од пошироката критика за правни недостатоци кои влијаат врз конкурентноста и транспарентноста.

Законот предвидува државно финансирање за платено политичко рекламирање само за двете најголеми владни и опозициски партии, партии со помалку од 5 пратеници и вонпарламентарни учесници, а партиите со точно 6 пратеници (како Левица и ЗНАМ) не се експлицитно опфатени, што создаде правна празнина.

Пред кампањата, ДИК и Агенцијата за аудио и аддиовизуелни медиумски услуги ги дефинираа распределбите врз основа на законот и ги исклучија Левица и ЗНАМ од државни средства. АВМУ го извести Собранието за недореченоста. На крај, епилогот беше ограничена кампања на кампања на Левица, додека ЗНАМ  како коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, доби индиректна поддршка и поголем простор на билборди преку коалициски договори.

Од политичката партија Левица рекоа дека ќе почекаат да видат што Министерството за правда ќе понуди на маса, но, планираат да се борат за исправување на неправдата од последните локални избори во делот на добивањето државни пари и рекламирањето. Велат дека тие ќе настапат со свои барања „иако се свесни дека големите политички партии секогаш ќе бараат доминација и не очекуваат фер пристап“.  

Од политичката партија ЛДП, пак, велат дека се надеваат да се „испеглаат“ работите околу прашањата од членот 78-а.  

Изборниот законик на Северна Македонија кој е донесен во 2006 година е менуван преку 30 пати досега. И покрај тоа, законсото решение е критикувано од ОБСЕ/ОДИХР и НВО-секторот како причина за системските празнини во повеќе сфери.

Работната група предводена од Африм Гаши нуди ретка шанса за консензуален Изборен законик кој ќе ја елиминира нееднаквоста во рекламирањето и ќе ја зголеми довербата во изборниот процес.

П.К.

Одрекување од одговорност:
Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Отпорни институции на Балканот за демократско владеење и избори (BRIDGE)“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада Скопје и Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, имплементирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачот/спроведувачите.