20251230 120808 1 1536x865

Кога јавниот притисок делува – мегабордот што стоеше два месеца по локалните избори е отстанет

Извор: mkd-news.com | Објавено: 06/02/2026 14:03

Челичната конструкција е демонтирана, а фасадата на зградата зјае празна. Мегабордот со ликот на Орце Ѓорѓиевски, кој се наоѓаше на улица Македонија во Скопје е отстранет неколку дена по објавата на текстот „Кога изборното рекламирање не сака да замине“ на mkd-news.com.

Медиумот во анализата на законската регулатива за ваквата форма на рекламирање укажа дека изборните мегаборди сè уште стојат низ градот, иако локалните избори завршија со вториот круг на 2 ноември 2025 година, кога Ѓорѓиевски беше избран за градоначалник на Град Скопје.  

Мегабордот, кој доминираше на фасадата на зградата во епицентарот на Скопје е дел од поширокиот проблем со изборното рекламирање преку мегаборди што се протега долго по гласањето. Тоа е затоа што Изборниот законик има правни празнини околу отстранувањето на мегаборди по изборите, што резултира во нивно продолжено присуство. Проблемот лежи во комбинацијата од недефинирани рокови и приватни комерцијални договори.

Мегабордите, кои се големи метални конструкции на фасадите на згради, всушност воопшто и не подлежат на формална распределба од ДИК или ждрепка, туку се регулираат исклучиво преку приватни договори меѓу рекламни фирми, кандидати/партии и станари/заедници на сопственици. Тие се сметаат за приватна сопственост надвор од концесиите на ДИК, без квоти 40-40-20, што дозволува директни преговори и плаќања. Ова ги става во “двојна сива зона” – комерцијални по природа, но видливи месеци по изборите поради платени договори.

Општината нема директен законски рок за отстранување на мегаборди на фасади по истекот на договорниот период со станарите, бидејќи тие се приватни договори и не се опфатени со Изборниот законик.

Формалната постапка за добивање дозвола за поставување рекламна опрема како мегаборди e според Законот за градење. Инвеститорот (фирмата или лицето што сака да постави билборд) мора да поднесе барање со сета потребна документација до локалната самоправа (општина или Град Скопје во зависност од локацијата). Градоначалникот на таа единица го издава конечното решение.

За потсетување, од општина Центар рекоа дека немаат издадено одобрение билбордот со Ѓорѓиевски.

Од управителот на зградата, компанијата „Ваш Еко Дом“, дојде одговор со кој ја префрлија одговорноста за потребните одобренија и легалноста на мегабордот врз закуподавачот – „Ланд Маркетинг ДООЕЛ Скопје“.

Управителот нагласи дека челичната конструкција на фасадата (на ул. Македонија бр. 22, влез 3 во Општина Центар) била веќе поставена уште пред нивното преземање на управувањето со објектот на 1 јануари 2020 година, односно била класична „затекната состојба“ од претходната заедница на сопственици. Како управител, тие никогаш не поднеле барање за одобрение за таа конструкција пред Општина Центар или Град Скопје, туку сметаат дека тоа е обврска на закуподавачот кој го користи просторот.

Договорот е за период од 3 години, склучен во септември 2025, што значи дека изборното рекламирање е дел од комерцијална активност и отстранувањето на мегабордот зависи од закуподавачот, а не од изборниот рок. Ова ја објаснува причината зошто мегабордот останал по изборите – како стандарден закуп на простор за реклама.

Сивата зона на рекламирањето со мегаборди е препознаена и во извештаите на Државниот завод за ревизија во изминатите изборни циклуси, каде се нотирани како недостатоци во Изборниот законик.

„Тоа е надлежност на Министерството за правда, во претходниот период имавме член во работната група за Изборниот законик, но мислам дека сега има нова работна група во која не сме застапени. Но, сите наши забелешки ги имаме доставено до Министерството за правда и Собранието“, вели државниот ревизор Максим Ацевски.  

За последните локални избори, на кои имаше рекордни над 180 учесници се уште траат ревизиите.

П.К.

Одрекување од одговорност:
Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Отпорни институции на Балканот за демократско владеење и избори (BRIDGE)“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада Скопје и Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, имплементирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачот/спроведувачите.