Sdsm Vmro

Дел од предизборните билборди симнати, дел уште стојат

Овој текст е изворно објавен на ПИНА - Платформа за истражувачко новинарство и анализи од Кристина Озимец објавено на 21.08.2020

Дел од билбордите на партиите се симнати од зградите и паноата на компаниите низ главниот град, додека дел се уште стојат и покрај тоа што помина повеќе од еден месец од одржувањето на изборите. Според Изборниот законик, учесникот во изборната кампања е должен во рок од 30 дена по завршувањето на изборите да го отстрани сметот од плакатите. Потребно е допрецизирање на роковите за билбордите, велат нашите соговорници.

Пораките на СДСМ и ,,Можеме“ од една, а од друга страна- Јанко Бачев се уште ги поздравуваат граѓаните кои ќе поминат во центарот на градот Скопје по кружниот тек во близина на Католичката црква. После Лептокарија еден билборд со партиска содржина на ВМРО- ДПМНЕ, се уште стои на Партизанска. После Зелено Пазарче партијата Левица исто така имаат огромен плакат поставен на станбена зграда во која се наоѓа и прес центарот на партијата.

Од изборите веќе помина повеќе од еден месец но низ градот се уште се присутни разни билборди, меѓу кои и такви на станбени згради. Се забележува исто така дека значаен дел од билбордите кои беа присутни пред само неколку дена на улиците, сега се извадени.

За изборните плакати 30 дена, за билбордите непрецизирано?

Во Изборниот законик се нагласува дека ,,учесникот во изборната кампања е должен во рок од 30 дена по завршувањето на изборите да го отстрани сметот од плакатите.

Во делот за билбордите – не е прецизирано кога треба да се отстранат истите. Извори од ДИК за ПИНА велат дека овој дел не е прецизиран бидејќи законодавецот смета дека станува збор за бизнис однос помеѓу партиите и компаниите кои стопанисуваат со просторот и дека обврската за отстранување секако е на компаниите.

ПИНА за билбордите со партиски содржини контактираше и три од компаниите за рекламен простор каде се рекламираат партиите, но и покрај тоа што им испративме прашања пред повеќе од две недели, досега од ниту една не добивме одговор.

Коалиција ,,Можеме: Билбордите треба да ги тргнат компаниите, не ние

Бранко Георгиевски од Коалицијата,,Можеме“ за ПИНА вели дека тие склучиле договор за закуп со компаниите за повеќе локации. Тој вели дека тие плаќаат наем за 20 дена додека трае изборната кампања и компаниите се тие кои треба да ги тргнат билбордите.

Но дали сега партиите добиваат бесплатно спонзорство преку реклами во јавниот простор? Според Георгиевски, кампањата за изборите е завршена и затоа смета дека нема никакво спонзорство од страна на компаниите кон нив. Но признава дека во Изборниот законик треба да има допрезицирања за тоа кога се должни да ги отстранат ваквите реклами на партиите.

,,Нивна обврска е отстранувањето. Во Изборниот законик треба да се допрецизира во кој временски рок компаниите треба да ги отстранат билбордите. Ако тие не ги извадат, тогаш вината ќе се бара кај нив. Согласно тоа ќе се направат и договорите со партиите“, додава тој.

Бранко Георгиевски

Левица со билборд во зграда на поддржувачи

Од Левица за споменатиот билборд во центарот на Скопје каде се наоѓа нивниот прес центар, велат дека договорот е склучен со фирма, којашто има договор за изнајмување на простор со станарите од зградата, со потписи од сите станари и месечен надоместок за куќен совет.

,,Немавме потреба дополнително да бараме согласност, а и повеќето станари се наши поддржувачи, имено во истата зграда е и нашиот прес центар“, велат оттаму.

Левица

На станбени згради во Центарот до неодамна билборди имаа поставено и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ но сега тие се тргнати. Од ВМРО ДПМНЕ до објавата на текстот не одговорија на нашите прашања за еден од билбордите кој беше поставен на зграда на плоштадот, а денеска не успеавме да ги добиеме во однос на прашањето за билбордите кои се уште не се отстранети.

Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.