avtobuski

Автобуски постојки трансформирани во билборди за политичко рекламирање! Дали тоа што не е забрането може да биде дозволено?

Овој текст е изворно објавен на ДЕНАР од И.П. на 1.12.2021

Политичкото рекламирање и промовирање на партиите, кандидатите за градоначалници и останатите учесници во изборниот процес, и на последниве локални избори не помина без серија прекршувања на Изборниот законик. Освен политичките пораки наменети за гласачите кои најчесто се наоѓаат закачени на билбордите, содржина со партиски пароли и постери со кандидати за време на предизборието можеа да се забележат и на дел од автобуските постојки во Скопје. Во определени држави не постојат никакви ограничувања во поглед на политичкото рекламирање додека, пак, во други држави може да се забележат прилично ригидни ограничувања во поглед на политичкото рекламирање. Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување подготви истражување токму на оваа тема.  

Автобуските постојки ги нема во Изборниот законик како место на кое е дозволено и предвидено да се рекламираат партиите во предизборието. Првиот одговор за ова истражување го побаравме во Јавноито сообраќајно претпријатие. Кој дал согласност автобуски постојки во главниот град да бидат брендири со политички пораки? Колку чини закуп на една автобуска постојка и каква корист од тие средства имаат граѓаните? Но наместо конкретни одговори од ЈСП добивме информација дека овие податоци ќе треба да ги добиеме од маркетинг агенцијата Маратон. Преку јавен оглас со договор за закуп на повеќе години автобуските постојки се дадени на користење на Друштвото за маркетинг и заштита на интелектуална сопственост „МАРАТОН ГРОУП ДООЕЛ“ Скопје, ни соопштија од ЈСП.

„Договорот за закуп на рекламните паноа на автобуските постојки е со Одлука од 27.04.2016 година донесена од страна на Управниот одбор на ЈСП Скопје, а врз основа на јавен оглас и е/бил првично со важност од 5 години, почнувајќи од 1.09.2016 година. Во меѓувреме со Анекс од 1.02.2017 година, двете страни направиле измена на одредбата за примена на Договорот, при што договорот почнал да се применува од 1.02.2017 година, односно важи до 31.01.2022 година. Договорот за закуп на надворешни и внатрешни рекламни површини на автобусите на ЈСП Скопје е со Одлука од 29.03.2017 година донесена од страна на Управниот одбор на ЈСП Скопје, а врз основа на јавен оглас. Договорот е со времетраење од 10 години, со примена од 1.01.2018 година, односно закупот трае до 1.01.2028 година“, соопштија од ЈСП

Во анализата на Импетус е интересно тоа што името на маркетинг агенцијата Маратон не е помеѓу компаниите кои доставија понуда до Државната изборна комисија. Податоците на Импетус велат дека согласно записниците  од извршената ждрепка за доделување на локации на рекламни паноа и билборди за политичко рекламирање Маратон нема доставено понуда, до ДИК понуди доставиле следните понудувачи:

  1. ЛИД КОМУНИКЕЈШНС ДООЕЛ Скопје
  2. ФОТОМАК БИГ ПРИНТ ДООЕЛ Штип
  3. OК МЕДИА ДОО
  4. ИЗИ МЕДИА ДООЕЛ Велес
  5. АЦГ ДИЗАЈН
  6. ТЕХНОМАКС-Р ДООЕЛ Скопје
  7. НИКОЛИС 2017 ДООЕЛ Битола
  8. РИЧОТИ ДООЕЛ Струга
  9. РЕДИВИДЕР ДООЕЛ Струмица
  10. МЕДИА МАРКЕТИНГ ЛТД ДООЕЛ
  11. ФИКА ЛИМИТЕД ДООЕЛ Скопје
  12. 2С МЕДИА ДООЕЛ Скопје
  13. СКРИН МЕДИА ДООЕЛ
  14. АКЦЕНТ-МЕДИА ДООЕЛ
  15. СТРИТ ЊУЗ ДООЕЛ Кочани
  16. МАЈ ПЛЕЈС ДОО Охрид
  17. БУСТ ДООЕЛ Скопје

Од Маратон ни посочија дека работата ја добиле од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ врз основа на спроведена постапка по пат на јавен оглас за автобусите односно автобуските постојки. На последните локални избори тие брендирале девет автобуски постојки. Од парите кои ги добиле од политичките партии за брендирање на постојките ЈСП нема да добие ништо, велат од маркетинг агенцијата Маратон.

„Маратон е компанија која нема надлежност врз билбордите, а автобусите и автобуските постојки ги нема предвидено во листата на ДИК како можност за рекламирање, иако и ние како компанија би сакале да имаме дел од распределбата на буџетските средства наменети за рекламирање за избори. Маратон на ЈСП Скопје – Скопје, а со тоа и на градот Скопје за брендирање на автобусите и автобуските постојки му плаќа 320.000 евра годишно.“

Според  наодите на Импетус, може да се констатира дека постои нерегулиран простор кој не оди во прилог на транспарентноста на изборниот процес и финансирањето на кампањите. Но, и дополнително не се обезбедува ниту еднаков пристап на учесниците во изборната кампања до ваквите места за рекламирање.

„Нерегулираноста на оваа област не обезбедува еднаков и фер натпревар за сите учесници во изборната кампања, почнувајќи од доделувањето на пакетите и процентите како се пресметува ждребката, па се’ до моментот кога и покрај понудените пакети и ждребката, доколку учесникот во изборна кампања не сака да ги искористи сите добиени локации може да ги предаде на друг учесник, без да информира некаде и да има запис за доделената локација“, стои во извештајот на Импетус.

Од Државната изборна комисија ни посочија дека се запознаени со тоа што на последниве локални избори беа брендирани цели автобуски станици, места кои не се пропишани за рекламирање согласно Изборниот законик. Потенцираат дека во член 78-а од Изборниот законик пропишано е само политичкото рекламирање на рекламни паноа и билбордиби, па од тука сметаат дека би било добро да се прошири опфатот на законското решение.

„Брендирањето не е во надлежност на Државната изборна комисија. Во конкретниот случај, самото ЈСП е надлежно за посоченото брендирање“, посочија од ДИК

Според експертите, во Македонија во рамките на Изборниот законик постојат детални одредби кои се однесуваат на бесплатното политичко претставување на јавниот радиодифузер, како и детални одредби за платеното политичко рекламирање на приватни телевизии и печатени медиуми. Универзитетскиот професот Марко Кртолица вели дека Изборниот законик содржи детални одредби и за политичкото рекламирање преку изборни плакати, билборди и рекламни паноа. Професорот вели дека самиот забележал дека политичките актери успеваа да најдат и други простори за платено политичко рекламирање за кои Изборниот законик не предвидува ограничувања.

„Во состојба кога се толкува дека се што не е забрането, е дозволено, се остава впечаток дека политичките партии ја злоупотребуваат таквата состојба. Затоа, сосема очекувано е во иднина да се пристапи кон законски решенија кои ќе ги регулираат сите облици на платено политичко рекламирање за време на избори. Доколку Изборниот законик содржи детални одредби за платеното политичко рекламирање во медиуми, како и одредби за платеното политичко рекламирање преку билборди, рекламни паноа и изборни плакати тогаш се поставува прашањето зошто да не биде регулирана секоја форма на платено политичко рекламирање. Дополнително, во текот на последните локални избори, во градот Скопје можевме да забележиме платено политичко рекламирање на и во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), кое е основано и е под надлежност Градот Скопје, како и на автобуските постојки на ЈСП. Одговорот на таквата реалност веројатно е дека рекламниот простор во рамки на автобусите и автобуските постојки на ЈСП се користи од посебни маркетинг агенции и дека ЈСП и Градот Скопје, немаат допирна точка со тоа. Сепак, доколку ги следиме препораките на релевантните меѓународни организации во полето на изборите тогаш ќе дојдеме до одговорот дека за вакви сензитивни прашања мора да биде земен предвид поширокиот општествен контекст.Така, доколку во македонското општество постојано се говори дека политичките партии ги злоупотребуваат државните институции за партиски цели, тогаш овозможувањето на платено политичко рекламирање во рамки на автобуси на јавно сообраќајно претпријатие, кое е основано и е под надлежност на Град Скопје, дефинитивно испраќа несоодветна порака за граѓаните. Во таа насока, во рамките на Изборниот законик потребно е изрично да се предвиди дека е забрането користење на било какви ресурси на државни институции, како и општински органи, јавни институции, јавни установи и јавни претпријатија за политичко рекламирање“, вели Универзитетскиот професор Марко Кртолица.

За да има промена во Изборниот законик за целосно регулирање на оваа област, зелено светло треба да даде Министерството за правда, како надлежна институција за ова законско решение. Од Министерството за правда ни соопштија дека во декември 2020 година е формирана работна група која работела на измени на Изборниот законик, а имала за задача и изработка на целосно нов текст на Изборен законик.  

„Доколку во иднина се пронајдат и некои други места за рекламирање, сигурно е дека партиите ќе предложат нивно регулирање со цел користење во изборни кампањи, но тајмингот за тоа кога ќе се изврши не зависи од Министерството за правда, туку од политичките партии и нивните преговори. За следни избори не се зборува во моментов, со оглед дека сеуште не се завршени ниту локалните избори“, велат од Министерството за правда.

Инаку, во Изборниот законик се предвидени и казни за прекршување на правилата. Од илјада до три илјади евра е паричната казна за градоначалникот во случај да не утврди места за лепење на плакати без надоместок и не изврши нивно обележување за секој подносител на листи одделно. Но парична казна до 10 илјади евра може да заработи компанија која стопанисува со рекламните паноа и билборди доколку извештајот не го достават навремено до надлежните институции. Во однос на оваа проблематика, односно рекламирањето на политички партии на автобуски постојки, од Министерството за правда велат дека само претпоставуваат дека истите го имаат третманот на рекламни паноа, така да велат регулирани се со закон и за нив важат казливите одредби од законот.

Текстот е изработен во рамки на проектот „Платено политичко рекламирање на билборди“ што го спроведува Здружение ИМПЕТУС.

И.П

Similar Posts