ПОЛИТИЧКО РЕКЛАМИРАЊЕ НА БИЛБОРДИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (1)

Политичко рекламирање на билборди во Северна Македонија

Во контекст на пандемијата COVID-19 и предвремените парламентарни избори, Здружението „Импетус“ укажа на тоа дека политичките партии ќе се фокусираат повеќе на рекламирање на надворешни медиуми, бидејќи се очекуваше собирите на граѓани да бидат ограничени или целосно забранети. Во оваа смисла, локациите за надворешно рекламирање, особено билбордите, како поголеми рекламни паноа, го зголемуваат вниманието и важноста за политичките партии и финансирањето на нивните изборни кампањи.

Билбордите се медиуми за надворешно рекламирање на отворено, на кои луѓето обрнуваат внимание и може да влијаат на нивниот начин на гласање. Купувањето простор за билборд ја следи истата постапка како и секоја друга постапка за јавна набавка. Локациите определени од страна на општините (и Градот Скопје) им се доделуваат на концесионерите (правните субјекти/компаниите). Тие на овој начин генерираат приходи, бидејќи концесионерите плаќаат извесна сума (надоместок за закуп) на нивните сметки.

Досега, кај нас, не била реализирана никаква активност за мониторирање на оваа област, а Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) поради недостаток на капацитети и ресурси не може да преземе сеопфатен мониторинг на рекламирањето на политичките партии во текот на изборниот период со цел да идентификува одредени ризици од корупција. На 12.06.2020 година беше објавен повик за пријавување на 20 набљудувачи на изборната кампања на учесниците во предвремените парламентарни избори 2020, кои меѓу другото како услов треба да имаат познавања на облиците на промоција на политичките партии и водењето на изборните кампањи, затоа што нивната главна обврска е да набљудуваат, забележуваат и документираат активности на учесниците во изборната кампања, во кои влегува и рекламирањето.

Од друга страна, според надлежноста, ДКСК има директен пристап до одредени податоци од банките – под-сметките за изборните трошоци на политичките партии, па резултатите од анализата би можеле да послужат како почетна точка за нивна проверка и споредба со податоците од состојбата на терен. Затоа, ова истражување и анализа дава придонес за одговорно трошење на финансиите при надворешното рекламирање на политичките партии.

Целта на оваа анализа е да ги идентификува предизвиците што произлегуваат од законската рамка, потенцијалните ризици од корупција и следењето на спроведувањето во целост на членот 78-а од Изборниот законик.

analiza-reklamiranje-na-bilbordi-za-vreme-na-izboren-period

Со тоа, анализата ќе придонесе подобро да се разбере начинот на регулирање и практично функционирање на рекламирањето на политичките партии на надворешни медиуми и неговото финансирање, како и обврските и активностите на вклучените субјекти (политичките субјекти – учесници во изборната кампања, Државната изборна комисија, единиците на локалната самоуправа, правните субјекти/компании кои ги поседуваат локациите за рекламирање, итн).

Во овој контекст, практичната цел на ова истражување ќе биде да се види дали и во која мерка, политичките партии користат билборди како медиум за рекламирање во контекст на пандемијата со COVID-19.