20251230 120808 1 1536x865

Кога изборното рекламирање не сака да замине

Извор: mkd-news.com | Објавено: 16/01/2026 12:29

Завршија првиот и вториот круг од локалните избори, заедно со повторените избори  во неколку општини, а новогодишните украси сè уште го зрачат Скопје со посебно светло.

Сепак, во (пост)новогодишната магија на центарот на главниот град, мегаборд на Орце Ѓорѓиевски – новиот градоначалник на Град Скопје сè уште е дел од градската панорама. Ова визуелно наследство од изборната кампања остава впечаток на продолжена пропаганда повеќе од два месеци по гласањето.

Причина за тоа е бидејќи Изборниот законик на Северна Македонија остава многу дупки околу отстранувањето на изборните реклами од билборди, паноа и мегаборди по секои избори.

Член 78-а од Изборниот законик го регулира закупот на билборди за време на кампањата, но не дефинира експлицитен рок за отстранување по гласањето, за разлика од плакатите и флаерите кои мораат да се тргнат во рок од 30 дена по завршувањето на изборниот молк (до средина декември 2025 за октомвриските локални избори).

Сопствениците на билборди, пак, како приватни компании, се водат од комерцијални договори, па рекламите често остануваат подолго, што создава правна законска празнина празнина. Зошто е тоа проблем?

Според регулативата, мегабордите се во двојна сива зона. Мегабордите се големи метални конструкции кои најчесто се поставуваат на надворешните страни на згради – бараат поиздржлива инсталација, имаат поголема видливост од далечина и посилен импакт. Но, тие не подлежат на формална распределба преку Изборниот законик или ждрепка од ДИК, туку се регулираат исклучиво преку приватни договори меѓу фирмите за рекламирање и станарите/заедницата на сопственици на зградата. Тие се сметаат за приватна сопственост надвор од концесиите на ДИК, па кандидатите директно преговараат и плаќаат без квоти на распределба според системот 40-40-20.

Ова доведува до ситуации каде мегаборди остануваат видливи со недели и месеци, бидејќи закупот е платен од партиите или самите кандидатите, а сопствениците на зградите профитираат од понатамошно рекламирање.

Договор со нова фирма склучен пред локалните избори

Во член 9 од Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради, поставување на плакати, излози, рекламни натписи на станбените згради можат да се поставуваат само доколку тоа е во согласност со закон. Надворешните делови на зградата, служат за потребите на сите станари и се користат во согласнот со нивната намена. Може да се издаваат само со одлука на сопствениците, а висината на закупнината се утврдува со одлука на сопствениците.

Формалната постапка за добивање дозвола за поставување рекламна опрема како мегаборди e според Законот за градење. Инвеститорот (фирмата или лицето што сака да постави билборд) мора да поднесе барање со сета потребна документација до локалната самоправа (општина или Град Скопје во зависност од локацијата). Градоначалникот на таа единица го издава конечното решение.

Општината нема директен законски рок за отстранување на мегаборди на фасади по истекот на договорниот период со станарите, бидејќи тие се приватни договори и не се опфатени со Изборниот законик.

„Општина Центар нема издадено одобрение за билбордот“, беше кусиот одговор кој го добивме од општината за се уште висечкиот мегаборд во строгиот центар на Скопје. 

Став побаравме и од приватната компанија „ Ваш Еко Дом“, која на влезната врата на зградата е наведена како управител на зградата.

Прашавме дали воопшто е побарана дозвола од општина Центар за поставување на мегабордот согласно Законот за градење, како е дојдено до склучување на договорот со компанија, како и тоа на колку време се однесува договорот и кога треба да се отстрани бидејќи изборите се завршени пред два месеца.

Од „Ваш Еко Дом“ велат дека управуваат со објектот од 1 јануари 2020 година, а претходно објектот бил управуван од заедница на сопственици. При превземање на објектот под нивно раководење, заедницата веќе имала активен договор за закуп на дел од фасада и веќе била поставена челична конструкција на тој дел од фасадата. На тоа место постојано има реклами со исклучок на периодот кога станарите биле во процес на промена на компанијата на која и го даваат делот под закуп.

„Одобрение за поставување на челична конструкција ние како управител немаме поднесено, бидејќи тоа беше затекната состојба во моментот на склучување на договорот. Додека пак компанијата која го закупува просторот треба да си ги побара и добие сите потребни одобренија од општина Центар и град Скопје. Сопствениците на објектот кој е со адреса ул.Македонија бр 22 влез 3. меѓу себе одржале собир на сопственици, разгледале понудувачи за тогаш слободниот дел од фасада, со цел да го дадат под закуп и управителот го известиле на ден 20.09.2025 година дека е постигната согласност за избор на најповолна понуда за давање под закуп на дел од фасада и го известиле управителот да склучи договор со избраната компанија Друштво за трговија и услуги Ланд Маркетинг ДООЕЛ Скопје“, одговорија од „Ваш Еко Дом“.

Договорот е склучен на ден 23 септември 2025 година и е со времетраење од 3 години. Како што се наведува во одговорот, компанијата закупувач има ексклузивно право на користење на просторот и е задолжена да ги менува содржините на билбордот.  

Овој пример со мегабордите се уште претставува сериозен предизвик за фер изборен процес во Северна Македонија, каде пропагандата продолжува да влијае на јавното мислење долго по затворањето на гласачките места.

Невладината организација „ИМПЕТУС“ во неколку наврати континуирано бара измени во Изборниот законик за задолжително отстранување на содржината на билбордите користени во изборна кампања и тоа 48 часа по завршување на изборите, со можност за прекршочни казни за стопанственици и/или закуподавачи. Останува нерешено и прашањето за начинот на рспределба преку ДИК за сите билборди вклучително и фасадни/станбени површини, за да се избегнат правни празнини, комерцијални злоупотреби и фер натпревар за сите учесници во изборната трка, што ви се рекло да нема кампања и после кампања.

П.К.

Одрекување од одговорност:
Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Отпорни институции на Балканот за демократско владеење и избори (BRIDGE)“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада Скопје и Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, имплементирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачот/спроведувачите.