CREATOR: gd jpeg v1.0 (using IJG JPEG v62), quality =

Повторените налик нови избори во општините со повереници

Извор: mkd-news.com | Објавено: 13/01/2026 15:39

На 11 јануари 2026 година, граѓаните на четири општини – Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Центар Жупа излегоа на гласање на она што правно се нарекува „повторени избори“.

Сепак, процесот на терен, наликуваше на сосема нов натпревар – со нови кандидатски играчи, нови правила за буџетско рекламирање и нов буџетски трошок. Иако правно дефинирани како повторени, овие избори во пракса функционираа како нов циклус, создавајќи законска двосмисленост каде процедурата е стара, но политичката понуда и административната постапка се сосема нови. Правно работата е чиста, иако политички е нелогична – законот едноставно не предвидел механизам за „замрзнување“ на кандидатите ако изборите пропаднат само поради слаба излезност.

Разликата меѓу „прегласување“ и „повторени избори“

Клучот на проблемот лежи во Изборниот законик и начинот на кој тој ги третира различните причини за неуспех на изборите. За да се разбере зошто на 11 јануари имаше нови листи, мора да се направи разлика помеѓу два правни институти.

Поништени избори (прегласување): Кога Државната изборна комисија (ДИК) или Управниот суд ќе поништи гласање на одредени избирачки места поради нерегуларности (полнeње кутии, скршени пломби), се закажува прегласување. Во ова сценарио, листите остануваат исти. Кандидатите се тие што биле, бидејќи се претпоставува дека процесот е само корегиран.

Неуспешни избори (неисполнет цензус): Случајот со четирите општини за 11 јануари е поинаков. Тука изборите во октомври 2025 година не беа поништени, туку пропаднаа бидејќи не беше исполнет цензусот од 33,33% (една третина од запишаните избирачи), согласно член 132 став 2 од Изборниот законик.

Во него се вели „Ако не е исполнет цензусот… целата изборна постапка се повторува“.

За ДИК, зборот „постапка“ ги опфаќа сите дејствија од почеток: распишување, кандидирање, ждрепка, кампања и гласање. Односно, ако постапката се повторува, тоа значи дека претходните дејствија (вклучително и старите кандидатски листи) правно се поништени и не постојат.

Ова „повторување на постапката“ се толкува како правен рестарт. Тоа значи дека претходните кандидатури паѓаат во вода, а партиите имаат право да предложат нови.  

Што е ново за повторените избори?

ДИК веќе утврди серија нови параметри за 11 јануари.

Изборната комисија изврши нова ждрепка за редоследот на гласачкото ливче. Броевите што ги заокружувале граѓаните во октомври повеќе не важат. Партиите и коалициите сега има нови редни броеви.

Понатаму, ДИК повторно ги повика медиумите да се впишат во регистарот на радиодифузери и портали кои можат да добијат државни пари преку поднесување на нови ценовници. За повторениот изборен циклус, се активираат нови средства од буџетот за платено политичко рекламирање. Ова значи дека неуспехот на изборите во октомври 2025 директно ги чини даночните обврзници двојно – еднаш за неуспешниот обид, и вторпат за „повторениот“ обид во јануари.

ДИК спроведе и нова ждрепка за рекламни паноа и билборди, со која  ги распореди локациите кои се нудат за политичко рекламирање од страна на правните лица кои стопанисуваат со истите.

Ваљбон Лимани, поранешниот в.д. градоначалник на Гостивар и кандидат на претстојните избори, јавно го проблематизираше ова прашање. Тој истакна дека иако законот налага повторување, „логично е повторените избори да се одржат со истите кандидати“. Неговиот став го отсликува аспектот за кандидатите кои можеби имале водство во првиот круг, но „играта се поништила“ поради слаба излезност, а сега мора да се трка против целосно нови противници. ​

ОБСЕ/ОДИХР во своите извештаи за Северна Македонија континуирано предупредува на овој проблем. Тие нотираат дека строгиот услов за цензус во вториот круг (или при избор на градоначалник во прв круг без мнозинство) создава „ризик за повеќе циклуси на повторени избори“. Ова создава маѓепсан круг: гласачите се заморуваат, излезноста паѓа, цензусот повторно не се постигнува, и изборите повторно се закажуваат – трошејќи нови државни пари.

На 11 јануари, граѓаните на Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Центар Жупа не добија само втора шанса да гласаат, туку сосема нова понуда – ситуација која повеќе личи на нови избори отколку на поправен испит.

За повторените избори, како што соопшти ДИК, ќе бидат издвоени нови 50 милиони денари или 813.000 евра. 

Во четирите општини во Северна Македонија, каде пропаднаа изборите за градоначалник, Владата назначи свои повереници кои ќе ги вршат функциите додека да се изберат нови градоначалници. Станува збор за општините: Гостивар, каде како повереник беше именуван Фадил Џелили; во Маврово-Ростуше – Онер Јакупоски, во Врапчиште – Буњамин Кадриу и во Центар Жупа – за повереник е избран Аријан Ибраим.

П.К.

Одрекување од одговорност:
Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Отпорни институции на Балканот за демократско владеење и избори (BRIDGE)“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада Скопје и Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, имплементирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачот/спроведувачите.