Видео билбордите меѓу законските пукнатини на изборното рекламирање
Извор: mkd-news.com | Објавено: 15/12/2025
Државната изборна комисија објави листа од 17 компании пријавени за рекламирање на билборди и паноа за локалните избори. Нивната проверка покажува дека поголемиот дел од нив немаат објавено ценовници, а некои ниту веб – страници. Има и фирми кои нудат и видео билборди, кои не се стриктно опфатени во Изборниот законик.
Според член 78-а од Изборниот законик и Упатството на ДИК за распределба на рекламни паноа и билборди, фирмите кои стопанисуваат со билборди се обврзани во рок од пет дена од денот на распишување на изборите јавно да ги објават локациите и цените за закуп на рекламните паноа и билборди на своите веб-страници.
Податоците мора да се достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупција. Цената не смее да се менува за време на изборниот процес, а максималниот број на рекламни паноа и билборди кои може да се користат за политичко рекламирање изнесува 50% од вкупниот број на билборди на територијата на определена општина.
Од 17-те пријавени компании, деталната анализа покажува дека само неколку компании делумно или целосно ги исполнуваат условите.

ОК Медиа ДООЕЛ Скопје е единствената компанија која целосно ја има исполнето законската обврска – на нивната веб-страница okmedia.mk се објавени детални ценовници со конкретни локации, цени за закуп (за период од 3 недели) и цени за принт и монтажа.
Акцент Медиа ДООЕЛ, една од четирите доминантни компании во бизнисот со билборди основана во 1995 година, на својата веб-страница akzentmedia.com.mk има објавено општи услови и производи, но конкретен ценовник за локалните избори не може да се пронајде. Последните се за претседателските и парламентарните избори во 2024 година.
Скрин Медиа ДООЕЛ од Желино, која е дел од Еуровиа холдинг, има веб-страница со општи цени. На веб – страницата постои посебен таб за локалните избори 2025, но пакетите со ценовници не се функционални и достапни.
Маратон Гроуп ДООЕЛ (maraton.com.mk) има објавено ценовници за своите специјализирани услуги – BUS TV (видео рекламирање на автобуси) и BUS STOP TV (видео рекламирање на автобуски постојки). Компанијата е една од најголемите рекламни агенции во земјата. Маратон се специјализира за рекламирање на јавен превоз и автобуски постојки, не за класични надворешни билборди. Истата компанија е позната по контроверзна долгорочен договор со ЈСП Скопје за рекламен простор склучен во време на поранешниот директор Игор Јанушев.
Висион Медиа ДОО (visionmedia.mk), има објавен ценовник на своја веб-страница за своите дигитални видео билборди со ротирачка содржина – услуга која не е експлицитно регулирана во Изборниот законик.
Останатите компании, меѓу кои Техномакс-Р ДООЕЛ од Скопје, Фотомак Биг Принт ДООЕЛ од Штип немаат јавно објавени ценовници на своите веб-страници, што директно го крши Изборниот законик. Маркетинг микс ДООЕЛ Штип, пак,воопшто и нема функционални веб – страница на интернет.

И за овие избори нерегулирани видео билбордите
„Висион Медиа ДОО Скопје“ е компанија регистрирана како рекламна агенција. На веб-страницата промовира дигитални видео билборди – со “анимации” и “интерактивни елементи”.
За разлика од статичните билборди, каде ждрепката обезбедува дека секоја политичка партија или кандидат добива конкретна локација за конкретен билборд. кај видео билбордите, на еден екран можат да ротираат повеќе политички реклами истовремено. Оваа правна празнина создава сериозен проблем за принципот на фер конкуренција.
Ова го нарушува принципот на ждрепка – каде секој добива еднаков пристап до рекламен простор. Еден кандидат, на пример, може да добие локација на видео билборд каде неговата реклама се прикажува 10 секунди на секои 2 минути, додека друг кандидат добива статичен билборд кој е виден 24 часа дневно.
Дополнителен проблем е што не е јасно дали видео содржини на билборди можат да се сметаат за “платено политичко рекламирање во аудиовизуелни медиуми” (како ТВ реклами) или се третираат како обични билборди.
Доколку се третираат како ТВ реклами, тогаш за нив важат сосема други правила – вклучувајќи задолжителна регистрација на медиумот во ДИК и пријавување на ценовници за аудиовизуелни услуги. Доколку се третираат како билборди, тогаш нема јасна регулатива за времетраењето на прикажување, фреквенцијата на ротација и бројот на реклами што може да ротираат на еден екран.
Овие проблеми ги утврди невладината организација „ИМПЕТУС“ уште во 2021 година по завршувањето на тогашните локалните избори. Во нивната анализа се истакнува дека видео билборди се користени на изборите, но постои “нејасност дали видео содржини на билборди можат да се сметаат за платено политичко рекламирање во аудиовизуелни медиуми”.
Организацијата констатираше дека членот 78-а од Изборниот законик треба итно да се допрецизира бидејќи има многу “дупки во правилата” и дека видео билборди потенцијално можат да го заобиколат принципот на фер распределба.
Четири години подоцна, пред локалните избори 2025, оваа правна празнина останува нерешена. ДИК прифати пријава од компанија која нуди видео билборди, иако не постојат јасни правила како да се регулира.
Дефицит на регулативата за модерното политичко рекламирање
Државната избoрна комисија се дистанцира од одговорност кога станува збор за електронските дисплеј-системи и модерните методи на политичко рекламирање во јавните простории. Во официјален одговор, ДИК наведува дека освен спроведувањето на ждрепката за просторот, немаат никаква законска надлежност за овој вид на рекламирање и истото не спаѓа во платено политичко рекламирање со државни средства.
Изборниот закон, по својата содржина е фокусиран исклучиво на традиционалните формати на рекламирање, при што нема никакво експлицитно наведување за новите дигитални технологии.
Од Министерството за правда велат дека надзорот и регулирањето на различните медиумски канали и реклами се простира меѓу повеќе институции.
„Во однос на надлежноста за контрола на различните форми на политичко рекламирање, укажуваме дека надзорот и регулативата на медиумите и рекламирањето вклучуваат повеќе институции, во зависност од природата на платформата или медиумот (на пр., Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, општинските органи, ДИК и др.)“, рекоа од министерството.
Но, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во природата на својата работа го надгледува традиционално емитување на телевизиите, додека видео билбордите поставени на јавен простор не спаѓаат во нејзиното директно опредметување на регулирање.
Воспоставувањето на јасна регулатива за видео билборди и други современи методи на политичко рекламирање останува неодложна потреба за да се осигура фер конкуренција меѓу кандидатите и да се спречат злоупотреби во текот на изборниот процес.
П.К.
Одрекување од одговорност:
Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Отпорни институции на Балканот за демократско владеење и избори (BRIDGE)“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада Скопје и Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, имплементирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачот/спроведувачите.
