Image

Надвор и од закон и од ждрепка: Правната празнина што ја создаваат мегабордите

Извор: mkd-news.com | Објавено: 17/12/2025 12:55

Мегабордите, кои се распослани на станбени згради низ главниот град, формално се регулирани само преку Законот за градење и Правилникот за домување, но не и низ призмата на рамномерно политичко претставување преку Државната изборна комисија. Овој начин на рекламирање не подлежи на изборната ждрепка, не постојат ограничувања за процентуална распределба меѓу владејачки и опозициски партии.

Скопјани на локалните избори 2025 година избираа меѓу рекорден број кандидати за градоначалник – вкупно 16 имиња за трката за главниот град. Оваа битка за градоначалничката позиција не се одвиваше само на теренот, во јавните настапи или на социјалните мрежи, туку и на огромните фасади на станбените згради кои доминираат над булеварите и раскрсниците низ главниот град.

Додека класичните билборди и рекламните паноа се стриктно регулирани со Изборниот законик и постојат јасни правила, процедури и контрола од Државната изборна комисија, од истата институција велат дека за огромните мегаборди на фасадите на зградите низ Скопје немаат законска надлежност.

Кои форми на рекламирање препознава, а кои не Изборниот законик?

Согласно член 78-а од Изборниот законик, „за време на изборната кампања дозволено е политичко рекламирање исклучиво на рекламни паноа и билборди“.

Фирмите можат да понудат само 50% од вкупниот број на нивни закупени локации за билборди за платено политичко рекламирање во една општина. Партиите можат да закупат простор според моделот: 40% за владејачките партии, 40% за опозицијата, 10% за оние кои немаат пратенички групи во Собранието и 10% за вонпарламентарни партии и независни кандидати.

За локалните избори 2025 година, до ДИК пристигнаа 17 понуди од компании за рекламирање на билборди и паноа – зголемен интерес во споредба со претседателските избори од 2024 година кога се пријавија 12 компании. Понудите се поделени во четири пакети според процентуалната распределба.

Но, огромните мегаборди на фасадите на станбените згради воопшто не се опфатени со Изборниот законик. Овој начин на рекламирање остана недефиниран аспект кој не беше опфатен и дорегулиран во изборното законодавство, како и за претходните локални, парламентарни и претседателски избори.

Државната изборна комисија во официјален одговор се дистанцира од надлежноста.

 „За овој вид на рекламирање на учесниците освен спроведувањето на ждрепката за просторот, Државната изборна комисија нема никаква законска надлежност и истото не спаѓа во платено политичко рекламирање со државни средства”, велат од ДИК. 

И од Министерството за правда не дадоа конкретен одговор на прашањата кој ги регулира мегабордите како форма на политичко рекламирање кое не го опфаќа Изборниот законик.

„Во однос на надлежноста за контрола на различните форми на политичко рекламирање, укажуваме дека надзорот и регулативата на медиумите и рекламирањето вклучуваат повеќе институции, во зависност од природата на платформата или медиумот (на пр., Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, општинските органи, ДИК и др.)“, рекоа од министерството.

Формална покриеност без изборна контрола

Мегабордите, иако не се регулирани со Изборниот законик, формално се опфатени со Законот за градење и Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради. Согласно член 9 од овој Правилник, поставување на плакати, излози, рекламни натписи на станбените згради може да се врши само доколку тоа е во согласност со закон.

За поставување на рекламна опрема, инвеститорот поднесува барање за поставување со потребна документација, а решението го издава градоначалникот на општината, општината во Град Скопје односно Градот Скопје. Потребната документација и образецот на решението ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Сепак, овој процес на издавање на одобренија за поставување на рекламна опрема на згради воопшто не е синхронизиран со изборното законодавство. Не постојат ограничувања за процентуална распределба меѓу партиите, нема ждрепка за локации, ниту пак некоја форма на контрола за рамномерно политичко претставување.

Според досегашните истражувања на здружението „ИМПЕТУС”, надворешните делови од зградата служат за потребите на сите станари и можат да се издаваат само со одлука на сопствениците. Висината на закупот се утврдува со одлука на станарите. Ова значи дека политичките партии и кандидати за градоначалници директно преговараат со сопствениците на згради, склучуваат договори за закуп на фасадниот простор и плаќаат цени кои не се регулирани со изборно законодавство.

Клучната разлика меѓу класичните билборди и мегабордите е токму во процесот на нивната распределба. Додека за билбордите постои транспарентна ждрепка организирана од ДИК, која на 24 септември 2025 година ги распредели локациите меѓу пријавените партии и коалиции, за мегабордите не постои никаква таква процедура.

Политичките партии можат директно да склучуваат договори со сопствениците на згради и/или управител на станбена зграда, без некоја форма на јавност, транспарентност или изборна контрола. Оваа пракса создава сериозна нерамноправност во изборната конкуренција, бидејќи партиите со поголем буџет можат несоразмерно да ги доминираат скопските фасади.

Реформа која никако да се донесе

Здружението „ИМПЕТУС” во повеќе наврати укажа дека непостоењето на јасни правила во законот ја отежнува регулацијата на платеното политичко рекламирање и дава слобода во толкувањето на постоечките правила. ​

„Рекламите на билбордите визуелно не трујат и отвараат можност за сива зона во политичкото рекламирање”, пишува во анализата на „Импетус”.

Правната празнина околу мегабордите и другите форми на надворешно рекламирање кои не се билборди и паноа бара итна реформа на Изборниот законик. Во 2023 година, во Министерството за правда беше формирана работна група за измени на Изборниот законик која требаше да ги инкорпорира сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, вклучително и за регулацијата на традиционалните и социјалните медиуми. Беше изготвен нацрт-текст, но тој никогаш не помина пред пратениците.

Од Министерството за правда велат дека сите досегашни измени на Изборниот законик се направени преку групи на пратеници во Собранието, а сите обиди за целосна негова ревизија завршија неуспешно.

„Изборниот законик е законско решение кое од моментот на неговото донесување заклучно со овие избори има претрпено околу 40-на измени кои заради нивниот парцијален пристап создаваат неконзистентност на целиот закон. Токму затоа Министерството за правда смета дека е неопходна целосна реформа и изработка на нов Изборен законик во кој ќе бидат вградени препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, рекоа од министерството.

И за вториот круг од локалните избори кои се одржаа на 2 ноември, граѓаните се движеа меѓу згради од кои надвиснуваат мегаборди со лицата и пораки на кандидатите. 

Иако зад нив се крие долгогодишниот проблем на нерамноправна конкуренција, отсуство на транспарентност и празнина во законот што дозволува политичките партии со поголем буџет да ги доминираат визуелните простори на градот надвор од каква било контрола.

П.К.

Одрекување од одговорност:
Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Отпорни институции на Балканот за демократско владеење и избори (BRIDGE)“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада Скопје и Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, имплементирана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачот/спроведувачите.