Korupcija

Со „врзани раце“ антикорупционерите ги контролираат политичките партии!

Овој текст е изворно објавен на ДЕНАР од И.П. на 24.12.2020

Законско решение има, но недостасуваат технички можности антикорупционерите да го контролираат финансиското работење на политичките партии во изборниот период. Владата досега не најде пари за набавка на софтвер кој ќе овозможи членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата да вршат увид во сметките на политичките партии, иако на хартија тоа веќе им е овозможено. Од Антикорупциска се надеваат дека дури во 2022 година ќе може да вршат целосна контрола на финансиското работење на партиите.

Од Транспаренси интернешнл велат дека нема еден начин на следење на трошењето на парите на политичките партии за време на политички кампањи, туку постојат повеќе методи и повеќе можности. Прво, велат, тоа се извештаите кои што ги доставуваат партиите два пати, еднаш во текот на кампањата и 30 дена по завршување на кампањата. Надлежна е и Државната комисија за спречување на корупција да направи проверка, таа има можност за проверка и во банкарските сметки на политичките партии, како и во сметките кои тие ги отвараат за кампања, затоа што партиите за кампања отвараат посебна сметка.

„Ја направивме Антикорупциска комисија да биде централно тело кое ќе финанасира контролирање на кампањите и на партиите. За таа намена можат да проверуваат банкарски сметки на политички партии, во комбинација со другите можности кои ги имаат. Проблемот е во тоа што Антикорупциска веќе две години има нов Закон со нови можности, но никој не им даде пари за софтвер за пристап до податоци, немаат ниту софтвери ниту соодветен број на компјутери. Друга работа која кај нас постојано се пропушта е Управата за Јавни приходи. УЈП мора да се вклучи да си ја тера својата работа, а не работата на Антикорупциска. Ако јас се најдам на пример на списокот на лица кои донирале 60.000 денари УЈП треба да провери дали се тие пари оданочени, дали на тие пари сум платила данок, дали се тие мои лични пари, или пак некој ми ги дал. Како што го имаме случајот Трезор на ВМРО кога десетици илјади трансакции во исто време, од ист човек се правени. И како тоа да не го провери Управата за Јавни приходи. УЈП треба да се заинтересирани за потеклото на парите, дали е тоа сива економија, или некој пере пари“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл.

Една од препораките на Здружението „Импетус“ кое спроведе истражување за финансирањето на политички партии и изборна кампања, се освен зголемување на човечкиот капацитет, и да се зголеми финансискиот капацитет на институцијата. Нивниот став е дека улогата на ДКСК е клучна за борбата против незаконитото финансирање на политичките партии и изборни кампањи, бидејќи со своето делување и извештаите од изборните кампањи таа врши директен притисок врз политичките партии да ја зголемат својата транспарентност.

„Преку отворањето постапки при сомневање за корупција на високи државни функционери таа врши притисок врз сите чинители на политичката сцена. Така, ДКСК ги анализирала доставените извештаи за примени донации на трансакциските сметки, како и извештаите со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања и утврдила дека за одредени учесници во изборната кампања постои сомневање дека средствата од редовната сметка на политичката партија се користени за изборно финансирање. ДКСК доставила барање до надлежните органи за проверка на изворот на средствата на пет учесници во изборната кампања и проверките се во тек“, стои во истражувањето на „Импетус“.

Од ДКСК потврдуваат дека освен материјални им недостасуваат човечки и ИТ капацитети, но повторно, со оглед на Ковид кризата, тоа не се случи во 2020 година. Антикорупционерите велат дека постои неусогласеност меѓу Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, во смисла на обврска политичките партии да ги доставуваат своите годишни финансиски извештаи до ДКСК. Имено со член 31 став 5, партиите се должни да ги достават овие извештаи, но нивниот материјален закон не е усогласен со барањата на ЗСКСК.

Невладините организации кои работат со проблематиката корупција и судир на интереси велат дека партиите во многу мал дел ги покажуваат оние средства и добра кои што ги добиваат како донација. Некој да ти даде соба да ја користиш како штаб во време на избори е донација затоа што не си платил струја, кирија и тн. Сите тие работи партиите мора да ги пријавуваат и тоа да може да се проверува во нивните книги кои ги водат, во сметководствената евиденција, вели Слаѓана Тасева, долгогодишен антикорупционер, и додава дека мора да може да се проверуваат сметките за гориво, за сендвичите, за картичките за мобилни телефони кои ги користат, сето тоа го нема во нивните извештаи. И тоа вешто го прикриваат, додава Тасева.

За време на предвремените парламентарни избори 2020 година, ДКСК достави укажување до политичките партии учесници во овие избори, за нивната обврска, како и барање за доставување на Финансиски извештаи за 2019 година, но немаше еднакво постапување од сите политички партии: некои не одговорија на барањето на ДКСК, некои коментираа дека немаат обврска, но доставија, а дел го поздравија пристапот на ДКСК и ги доставија бараните Финансиски извештаи. Покрај овие законски несогласувања, Антикорупциска се соочува со недостиг на вработени во сферата на следење на политичките партии, како и недостиг од софтверски алатки за воспоставување на системско следење на партиите како за редовното работење, така и за време на изборните циклуси.

Невладините уверуваат дека има различни начини да се докаже дека се троши многу повеќе во кампања од колку што реално се прикажува. Затоа сметаат дека  не постои еден начин за проверка, на пример следење на сметките и толку. Експертите по оваа проблематика сметаат дека партиите не се навикнати да водат детално и целосно сметководство и немање обврска да се доставуваат детални сметки за сите ставки посебно е еден од проблемите.

Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.