Glavna

Со висечки реклами, дел од партиите ги извисија правилата за политички маркетинг

Овој текст е изворно објавен на ПИНА - Платформа за истражувачко новинарство и анализи од Милена Атанасоска-Манасиева објавено на 29.07.2020

Од Општина Тетово ни потврдија дека на посочените локации воопшто не е дозволено политичко рекламирање, ниту пак е дадена дозвола за поставување на овие висечки реклами.

Висечки реклами на кои се прикажани имињата и ликовите на неколкумина кандидати на политички партии се издигнуваат над дел од главните улици во Тетово. Обичните минувачи знаат дека станува збор за дел од политичкото рекламирање за изборите, но најголем дел од граѓаните не знаат дека овој вид на политичко рекламирање е буквално во сива зона и никој не го контролира.

Според анализата на ПИНА, политичките партии никому не му платиле за овие реклами кои се на ударни места во Тетово, не добиле ниту дозвола да ги постават извисувајќи ги правилата за рамноправно политичко рекламирање. Во меѓувреме, ниту една институција не води евиденција колку и каде се рекламирале на овој начин.

ОПШТИНАТА НЕ ДАЛА ДОЗВОЛА

Од Општина Тетово ни потврдија дека на посочените локации воопшто не е дозволено политичко рекламирање, ниту пак е дадена дозвола за поставување на овие висечки реклами.

Што се однесува до непрописно поставените рекламни материјали на местата кои ни ги посочивте во прашањето, вистина е дека на тие места не е дозволено ставање на рекламни материјали. За истите е изготвен записник и случаите се пријавени до надлежните институции и се чека на нивна понатамошна постапка – ни изјавија од Општина Тетово.

Општина Тетово

Оттаму објаснуваат дека Општина Тетово има изготвено одлука со која се определуваат места за лепење на политички пропаганден материјал за спроведување на изборна кампања без надоместок. Комуналните инспектори и Секторот за комунални дејности ги определуваат местата за лепење плакати, а организаторите на кампањите се должни 30 дена по завршување на изборите да ги тргнат материјалите.

Со оваа одлука не е дозволено лепење на пропаганден материјал на објекти или на места во близина на гласачките места, но доколку се случи тоа организаторот на кампањата е должен истите да ги тргне 24 часа пред почетокот на гласањето – велат од Општината.

Општина Тетово

Од она што може да се забележи на улиците каде е поставен спорниот материјал, станува збор за висечки реклами, налик на панели кои буквално висат над улиците, најчесто покрај семафорите на крстосниците. Испишани се имиња на кандидатите и бројчето што треба да се заокружи, а некои партии одат и со фотографии од кандидатите. Но, овој начин на рекламирање на јавен простор никој не го контролира, а тие се поставени непрописно.

НИКОЈ НЕ ПРИЈАВИЛ ВО ПОЛИЦИЈА

Во СВР Тетово прашавме дали некој пријавил непрописно поставување на рекламен материјал при последните (парламентарни) избори во овој град. Оттаму ни одговорија дека официјално не е пријавено од Општина Тетово, ниту од кој било друг поединец, политичка партија или организација, за непрописно поставување на политички (партиски) билборди/реклами во Тетово.

Согласно важечката законска регулатива, местата за истакнување на вакви пропагандни материјали ги определува локалната самоуправа и нејзина обврска е таа да следи дали материјалите се истакнати на претходно определените или на други места и аналогно на тоа, практично да постапува. Инаку, СВР Тетово од Општина Тетово не е известен за вакво рекламирање, ниту е побарано преземање конкретни мерки – ни одговорија оттаму.

СВР Тетово

ДИК СО УПАТСТВО ЗА ПОЛИТИЧКИ МАРКЕТИНГ

Како и на кој начин политичките партии ги добиваат местата за рекламирање на јавен простор?

Државната изборна комисија има Упатство за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка, но оттаму ни одговорија дека овие висечки реклами, плакати и слично, не се регулирани со ова Упатство и се во надлежност на локалните власти.

Порпаролот на Државната изборна комисија, Адмир Шабани ни објасни дека единствено што се контролира се билбордите и паноата кои се во сопственост на Општините кои ги издаваат за рекламирање, како и билбордите кои се во сопственост на други правни лица кои се занимаваат со таа дејност. Врз основа на тие податоци, и оние на Општините и на правните лица, ДИК врши ждрепка и се определуваат тие простори на одредени политички партии, односно подносители на листи кои се натпреваруваат на избори.

Процентот што им следува на партиите е врз основа на претходните парламентарни избори и врз основа на вкупниот број на учесници на изборите за кои се откупува просторот. Значи, тие се начините на рекламирање за кои Изборниот законик дава право и обврска и врз основа на тоа Општината, а и самите подносители после завршување на изборите се должни да ги отстранат – вели Шабани.

Адмир Ѓабани

Тој посочува дека со ждрепката се овозможува рамноправна игра и секој да има рамноправен пристап до просторот за рекламирање.

Останатиот начин на рекламирање на јавен простор, вели Шабани е во надлежност на локалните власти.

Тие се должни да се грижат за тој дел. Ако некој постави панел или билборд на одредена локација, секако мора да земе дозвола за тоа од локалните власти. Тие се грижат за регуларноста. Во Изборниот законик се јасно утврдени правилата во врска со рекламирање на билборди и паноа и секако сите треба да ги почитуваат – вели Шабани.

Адмир Шабани

Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.