Рекламите на билбордите визуелно не трујат и отвараат можност за сива зона во политичкото рекламирање
Овој текст е изворно објавен на KDPolitik од Катерина Топалова на 22.12.2021
Но освен што одвлекуваат внимание, политичките рекламни билборди можат да бидат основа за сива зона во рекламирањето кај нас. Здружението „Импетус – Центар за интернет, развој и добро управување“ го истражуваше платеното политичко рекламирање на учесниците во кампањата. Она што истражувачите го утврдија во анализата е дека непостоењето на јасни правила за „игра“ во законот, ја отежнува регулацијата на платеното политичко рекламирање и дава слобода во толкувањето на постоечките правила.
Насмеани лица од огромни билборди секојдневно ве поздравуваат додека пешачите или со автомобил пристигнувате до работното место. На секој чекор понуда за проеивод или болничка услуга, а до неодамна и плакати, билборди, рекламни паноа, мегаборди за да ве убедат чие име треба да заокружите за да биде ваш градоначалник.
Но освен што одвлекуваат внимание, политичките рекламни билборди можат да бидат основа за сива зона во рекламирањето кај нас. Здружението „Импетус – Центар за интернет, развој и добро управување“ го истражуваше платеното политичко рекламирање на учесниците во кампањата. Она што истражувачите го утврдија во анализата е дека непостоењето на јасни правила за „игра“ во законот, ја отежнува регулацијата на платеното политичко рекламирање и дава слобода во толкувањето на постоечките правила.
Како се закупува простор за билборди?
Закупувањето простор за билборди се спроведува според утврдени правила. Градот Скопје и општините им доделуваат определени локации на компаниите, тие пак плаќаат надоместок за закуп. За време на изборната кампања, концесионерите може да понудат само половина од вкупниот број на нивни закупени локации за билборди за платено политичко рекламирање. Парите им се исплаќаат од трансакциските сметки на учесниците во изборната кампања, отворени исклучиво само за оваа намена. Понатаму, Државната изборна комисија ги повикува правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди, да достават понуди за рекламни паноа и билборди со локации и ценовници до ДИК, согласно Упатството за распределба по пат на ждрепка.
„Од извршената проверка на интернет страницата на ДИК, понудите, односно пакетите на локации на билборди на секој понудувач не се јавно објавени, па оттука не може да се направи увид во нив. Ова е особено важно и претставува почетна точка од каде може да се утврдат цените за користење на билбордите кои им се нудат на учесниците во изборната кампања, кои локации се понудени. Имаше и ситуација на политичко рекламирање на автобуска постојка. Со рекламирањето на автобуските постојки и автобусите на ЈСП Скопје стопанисува компанијата – „Маратон“. Инаку оваа компанија не доставила понуда со локации за рекламни паноа и билборди за платено политичко рекламирање, согласно записниците од извршената ждрепка во ДИК“, се наведува во анализата.
Ако се спореди со претходните избори, бројот на понудувачи пораснал, но бројката на користење на билборди се намалила. Дури 146 помалку во споредба со 2017. За таа сметка, се зголемија бројките во делот на поставени мегаборди на станбени објекти и катни гаражи, за кои е спорно како подлежат на одредбите од изборното законодавство за надворешно рекламирање.
Лилјана Пецова – Илиеска од „Импетус“ вели дека од нивниот мониторинг дошле до неколку констатации.
„Апелираме за промена на изборниот законик, особено во делот на член 78 А, допрецизирање и дорегулирање на оваа материја. Да се допрецизираат локациите кои што треба да бидат јавно објавени на веб страната на Државната изборна комисија но и јавно да бидат објавени од страна на општините за тоа кои локации се дозволени за платено политичко рекламирање“, вели Пецова – Илиеска.
„Чаршави“ на згради како мегаборди
Надворешните ѕидови на станбени згради кај Собранието, во Кисела вода, на плоштадот „Македонија“, и неколку други локации беа буквално покриени со мегаборди од кандидати за градоначалници. Но, покрај објектите за колективно домување, вакви примери можеа да се забележат и на паркинзите на ПОЦ кај комплексот „Судска палата“ во Центар и катната гаража „Илинден“ во општина Аеродром. Со оглед на тоа дека овој формат на рекламирање, воопшто не е пропишан во Изборниот законик, побаравме информации на кој начин тие се поставени.
„ Имаше и минатите избори, меѓутоа овие локални избори навистина беше со зголемен број и обем поставувањето на билборди на ѕидна површина. Дел од тие беа поставени на станбени згради, но дел од тие беа и на површини како на пример катната гаража или на површина на јавно претпријатие, значи дел од тие се во сопственост на јавното претпријатие на Град Скопје. Оттука прашуваме – која е логиката односно која е регулираноста на делот на изборниот законик за поставување на билборди за платено политичко рекламирање на ваквите локации и како и на кој начин влегуваат во дел на избрани локации од програмата на Град Скопје?“ прашува Пецова – Илиеска.
„Будење“ низ светот за „загадување“ на јавниот простор
Големите билборди и светлечки реклами не се измислени во Македонија, ниту пак се практукуваат само овде. Но во светот, расте свеста за т.н. „загадување на јавниот простор“ преку реклами и политички постери. Пред 21 година, Џордан Сајлер почна со кампања со која билбордите и постерите од кои нè заплиснуваат реклами по автобуски постојки и други јавни површини со свои дела. Причина: рекламите визуелно нè трујат.
За првите шеснаесет години кампањата беше проширена од САД во повеќе од 40 градови во светот. Во неговата работилница на Менхетен, Сајлер рачно изработува клучеви за оние стаклени излози во кои се поставуваат рекламните постери, а кои се главно стандардизирани. Така, без оглед дали живеете во Њујорк, Шангај, Амстердам, Истанбул или Скопје, овие клучеви можат да ви ги отворат локалните рекламни кутии. А она што вие потоа треба да го направите е да го замените постојниот постер на кој се рекламира производ или услуга на некоја од големите компании со ваше дело, кое ќе ја зголеми свесноста за визуелното загадување кое го предизвикува ова надворешно рекламирање.
Целта на Сајлер е да потсети – дека очите се наш скапоцен имот, исто како и нашето внимание, кое некој за свои комерцијални цели сака насилно да ни го одземе. На проектот му се приклучуваат претежно негови колеги-уметници, но му се обраќаат и поединци кои на овој начин едноставно сакаат да покажат граѓанска непослушност. Развиена е и апликација за ајфон која во подземните железници ги заменува рекламите со избор на уметнички дела и на тој начин го претвора вашето патување низ серијата реклами во прошетка низ галерија.
Дали е можно целосно отстранување на рекламите од јавните простори?
Активисти во Лил протестираат против поставувањето билборди, додека Гренобл има заменето стотици реклами со дрвја и огласни табли.
Активистите почнале да покриваат со бела хартија ротирачки реклами кои се натпреваруваат за три секунди внимание на минувачите, а кои промовираат попуст на замрзнати ракчиња или на виски.
Болничарка која е дел од акцијата изјавила дека 11 години третира болни луѓе во итната помош, но дека ова го прави за да излекува едно болно општество. „Не можеш да бидеш среќен додека пешачиш ако постојано некој те потсетува на нешта кои ги немаш. Рекламите ти го кршат духот, те збунуваат во врска со она што навистина ти треба и ти го одвлекуваат вниманието од реалните проблеми“, вели таа.
Франција со децении има добро организирано анти-рекламно движење, со опсег од герила протести со спрејови до сериозни судски случаи. Но сегашниот „бум“ се однесува на дигиталното рекламирање – покривање или друг начин на саботирање на она што одзема уште повеќе внимание од обичен билборд, блескави видео монитори во урбаните простори, од железнички платформи до трговски центри.
Трендот секој квадратен градски милиметар да се претвори во можност за рекламирање станува и политичка борба на левицата. Француската партија, La France Insoumise (Непокорена Франција), неодамна поднесе амандман со кој би се забраниле видео рекламите над тоалетите и писоарите. Наречено „Мочај на раат“, движењето се бори за редок момент на мир барем додека човек е во Ве-це. Од 2015, 25 француски градови се „колонијализирани“ со над
Во меѓувреме судовите изрекуваат казни против оние кои протестираат, со на пример 900 евра за уништување на реклами со црн фломастер во чин на граѓанска непослушност. Но има и поинакви примери – „зелениот“ градоначалник на Гренобл, кој во март на локалните избори можеби ќе го добие својот втор мандат, во претходните четири години успеал својот град во подножјето на француските Алпи да го направи прв европски урбан центар кој го забранува комерцијалното урбано рекламирање. Во моментов единствени места каде тоа е дозволено, иако прилично ограничено, се автобуските и трамвајските постојки во овој град.