Намалување на негативните кампањи преку унапредување на културата на јавна комуникација
Овој текст е изворно објавен на ПИНА - Платформа за истражувачко новинарство и анализи од Кристина Озимец објавено на 4.12.2020
Негативната кампања на партиите е својствена за секои избори и таа често се појавува на билбордите, на улиците или пак во јавната сфера. Нема потреба од дополнителна измена на медиумските закони, за промени на оваа пракса која се јавува редовно во јавниот простор во изборните периоди, клучно е унапредувањето на културата на јавна комуникација на политичките партии, согласни се нашите соговорници.
Негативната кампања на партиите во предизборието станува сè поагресивна, со секој изборен циклус во изминатите години, а честопати доаѓа до израз со јавните пресметки на лична основа меѓу политичките опоненти, проследена со непристоен говор и слики, коментира Драган Секуловски од Здружението на новинарите на Македонија. Тој за ПИНА вели дека решение за негативните кампањи пред изборните процеси не треба да се бара во измена на медиумските закони, туку во унапредување на културата на јавна комуникација на политичките партии.
,,Една од директните последици од оваа негативна пракса е разгорување на страстите на дел од приврзаниците на политичките партии, на кои потоа ваквата реторика на политичарите им служи како „оправдание“ за пресметка со политичките неистомисленици, но и со критични новинари, при што неретко се користи и говор на омраза и закани.
Слободата на политичката дебата е важна за демократските општества и таа не смее да се ограничи со закон, зашто на тој начин партиите на власт може да ја злоупотребат својата положба на сметка на опозициските или малите политички партии“, вели Секуловски.
Сепак, важно е и правото на политичка дебата да не се злоупотреби на штета на јавноста и на гласачите, смета тој, особено во услови кога платеното политичко рекламирање се плаќа со јавни пари, како што, за жал, е случај во нашата земја.
,,Политичките партии, најпрво, треба да имаат поголема одговорност, култура и свест кога комуницираат јавно, без разлика дали станува збор за период на изборна кампања или не. За ова да прерасне во пракса потребно е, пред сè, да постои политичка волја, а потоа правилата за јавно комуницирање да бидат преточени во етички кодекси на политичките партии, коишто нема да бидат само „слово на хартија“ туку и ќе се почитуваат. Во услови кога поединци од политичките партии не би се придржувале кон етичките правила, тие треба јавно да бидат осудени, со цел да постои некаков контролен механизам на ниво на саморегулација за овие прашања“, додава Секуловски.
Изборниот законик – можна опција за дорегулација
И Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми е на иста линија со Секуловски кога се работи за нерегулирањето на ова прашање во медиумските закони. Смета дека тоа прашање во никој случај не може и не треба да биде предмет, односно да се регулира во медиумското законодавство.
,,Доколку воопшто може да се регулира прашањето на начинот на кој политичките партии ја водат својата изборна и политичка пропаганда, тогаш најсоодветно место е изборното законодавство, односно Изборниот законик.
Негативната политичка пропаганда начелно не е забранета и нападите – или критиката – на политичките противници и нивните политики или предлози се дел од вообичаената политичка борба. Дополнително, делумно поради внатрешно поставените „автократии“ во нашите политички партии, делумно поради прифаќање на англосаксонската пракса на „персонализирана политика“ каде личните својства и ставови, најчесто на водечките политички фигури, се сметаат за директен извор на политики, тоа е приод што кај нас често се употребува“, вели Георгиевски.
Како примери ги посочува оние за претходниот водач на опозицијата во Велика Британија Џереми Корбин, кој беше таргетиран од негативна кампања насочена во голема мерка против неговите лични карактеристики, или пак нападите и критиката на Борис Џонсон и на Доналд Трамп во САД кои се занимаваат, во најголема мера, и со нивните лични карактеристики.
,,Се разбира, како и сите видови на изразување, и политичката пропаганда подлежи на ограничувањата во постоечките закони – говор на омраза, поттикнување на насилство, навреда и клевета, и слично. Сите други ограничувања, во регулаторна или законодавна смисла, мора да го поминат триделниот тест наведен во член 19 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и член 10 од Европската конвенција за човековите права. Значи, да бидат пропишани со закон, да се нужни во едно демократско општество и да се пропорционални на посакуваната цел“, вели Георгиевски.
Додава дека во моментов, оставено им е на актерите на политичката сцена да одлучат до каде ќе одат со таквиот тип на политичка пропаганда, и во таа смисла многу поважна е саморегулацијата и чувството за она што се смета прифатливо или пристојно во едно нормално демократско општество.
,,Во крајна линија, одлуката дали нешто е прифатливо или неприфатливо на носат граѓаните, во своето својство на гласачи, и тие ја испорачуваат наградата или казната за однесувањето на актерите на политичката сцена.
Развојот на такви саморегулаторни практики и навики, се разбира, бара многу време, кое ние тука баш и го немаме на располагање. Во нивното создавање, а тоа во голема мера зависи од целните групи кон кои е наменета политичката пропаганда, своја улога имаат и образовниот систем, и неформалното образование и воспитание, и однесувањето на актерите на политичката сцена. Секако, и медиумите, односно новинарите, преку остварувањето на својата улога на „контролори на моќта“ и проверка на вистинитоста на изнесените тврдења на политичарите, имаат значајно место во создавањето на таквите системи и како помош за граѓаните да ја испорачаат заслужената „казна“ или „награда“, вели Георгиевски за ПИНА.
АВМУ: За содржината на рекламирањето се одговорни неговите нарачатели.
За содржината на рекламирањето се одговорни неговите нарачатели, а негативното политичко рекламирање се создава по нарачка и одобрување од учесниците во изборниот процес (партии, коалиции или независни кандидати), велат од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за ПИНА.
И тие исто така сметаат дека посоодветно е ова прашање да се регулира во Изборниот законик со можност за санкции, односно покренување судски постапки од страна на Државната изборна комисија против учесниците во изборите што ги прекршиле правилата.
,,Надлежно министерство за измени и дополнувања на Изборниот законик е Министерството за правда. Другата можност е ова прашање да се вгради во Кодексот за фер и демократски избори што политичките партии го потпишуваат пред секој изборен процес, непосредно по распишување на изборите, во согласност со член 8-в од Изборниот законик. Процесот на потпишување на Кодексот го менаџира Државната изборна комисија. За која било од двете опции, потребен е консензус меѓу парламентарните партии, кои финално одлучуваат каква законска измена ќе биде направена или каква содржина на Кодексот ќе потпишат.
Инаку, според медиумската регулатива, рекламирањето, како и сите други содржини на медиумите, е заштитено со правото на слобода на изразување и може да се ограничи само во неколку околности точно утврдени во закон (поттикнување омраза и нетрпеливост, рушење на уставен поредок, повикување на вооружен судир… – член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги).
Секако, радиодифузерите имаат слобода, во согласност со својата независна уредувачка политика, да одлучат да не склучуваат договори за платено политичко рекламирање, односно да не ги покриваат изборите преку оваа форма на изборно медиумско претставување, што пак, не е во прилог на нивното економско работење, особено кога имаат гаранција дека ќе им бидат исплатени средствата, затоа што се надоместуваат од Буџетот на државата преку ДИК“, велат од АВМУ.
Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.