,,Компромисот“ меѓу рекламерите и Градот го намали бројот на билборди за партиите
Овој текст е изворно објавен на ПИНА - Платформа за истражувачко новинарство и анализи од Фросина Факова-Серафиновиќ објавено на 2.10.2020
Рекламирањето на партиите преку билбордите на последните избори индиректно беше под влијание на Oдлука на Градот Скопје, наречена ,,Простор против корона“, со која беа отстранети дел од рекламните простори на улиците. Кризата со корона вирусот особено удри економски врз бизнисот со надворешно рекламирање, па така оваа мерка може да се гледа и како компромис со компаниите да се намали бројот на билборди во период кога и онака нема голем интерес за рекламирање.
Простор против корона – вака градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на 21-ви мај ја најави акцијата за отстранување на 240 билборди и ситилајти од јавниот простор во главниот град. Ослободувањето на градот од густо поставените билборди беше најавено три месеци по првиот случај на корона кога се уште во некои денови беше воведуван полициски час. Во тој период од три месеци, особено на почетокот на пандемијата немаше кој да ги види билбордите на тротоарите и шарените ситилајти низ градот. Убавите автомобили, вкусната храна, пијалоци, примамливите кредити на банките, немаше кому да му го запрат погледот и да му го одвлечат вниманието.
Кога веќе мерките почнаа да се „олабавуваат“, а граѓаните продолжија со секојдневнието со маски и растојание, главниот град ја обзнани акцијата со која се придуружила на семејството на европски и светски градови кои за време на пандемијата ослободија големи простори за потребите на пешаците и велосипедистите, за подобар проток на воздух и за повеќе зеленило. Но, за да се намали бројот на билбордите, вкупно 800, некои поставени на места каде воопшто не треба да ги има, Градот Скопје мораше да ја измени и дополни Програмата која беше донесена уште во 2012 година, во времето на Коце Трајановски, која беше за период од 15 години, односно до 2027 година.
Изменетата програма се однесува само на билборди, а се отстранува сѐ друго
Советот на Град Скопје на седница одржана на 28 мај ја изменил Програмата со која се намалуваат локациите за рекламни паноа од 800 на 560. Со измената на програмата Советот го овластил градоначалникот да потпише анекс на склучените договори за користење на локации со компаниите кои од градот закупуваат простор за рекламирање, „Скрин медиа“, „ОК Медиа“, „Лид комјуникејшнс“ и „Акцент медиа“.Во новата програма измени се направени само во бројот на билборди и тоа во втората, третата и четвртата зона, но не и во првата зона односно во Центар, која го го опфаќа Малиот ринг каде и претходно немаше билборди, туку само ситилајти, и ЛЦД панели.Во изменатата програма што е донесена, променет е членот 5 и според новиот член, за разлика од старата програма која се однесува на билборди, ситилајти и ЛЦД панел, новата програма се однесува само на билборди, па стои нака:
Членот 5 семенува и гласи:
“(1) Оваа програма се однесува на следниот тип на рекламно пано и тоа:
– билборд (мегалајт)“
Стои во изменетата програма. Согласно ова, се поставува прашањето зошто во изменетата програма стои дека се однесува само на билборди, а кампањата беше најавена и се спроведува со отстранување и на билборди, но и на ситилајти, кои се единствен тип на рекламни паноа кои што беа застапени во центарот на Скопје.
Од Град Скопје пак објаснуваат дека програмата се однесува само на билборди бидејќи таа не може да се однесува на вид рекламни паноа што нема веќе да се користат, како што се ситилајтите.
Со друга одлука се вадат ситилајтите, така што програмата не може да се однесува на вид на рекламини паноа што нема веќе да се користат. Досега се отстранети 120 ситилајтови и 80 билборди. Во првата зона нема билборди, а со акцијата се отстранети сите сити лајтови од јавните површини во Скопје, велат од Град Скопје.
Град Скопје
Улиците во првата зона, односно во Центар, се најфреквентни и најбарани за реклама од компаниите, но според измените таму нема да има ниту билброди, ниту ситилајти. Според разговорите на ПИНА со дел од закупците, отстранувањето на овие рекламни паноа бил најтешкиот компромис што требало да го направат. Во оваа зона имало вкупно 160 локации на кои се поставени 112 ситилајти/светлечкипаноа и 48 ЛЦД панели.
Фирмите со кои разговараше ПИНА немаат некои крупни забелешки за намалувањето на билбордите, дури и сметаат дека бројот треба уште да се намали.
Елмедин Адеми управител на „Скрин Медиа“ во официјална изјава за ПИНА вели дека во целата оваа пoстапка на измени немало никакви законски пропусти.
Отстранувањето на билбордите и ситилајтите беше во кординација со сите нас како компании концесионери. Целата постапка се изврши доброволно и во договор со Град Скопје за намалување на локациите во дел од тротоарите, пешачките површини, велосипедските патеки и други јавни површини.
Елмедин Адеми
Секако со намалување на локациите, фактички ни се намалија и приходите, но се решивме да ја поддржиме оваа иницијатива гледајќи надвор од рамките на бројки и финансии; oдносно како со подржување на оваа постапка ќе влијаеме позитивно со нашата улога на општествено одговорна компанија. Во однос на правните нормативи, со сигурност може да кажеме дека во текот на целата постапка се почитуваа сите правни одредби и начела, и немаше никакви законски пропусти.
Оваа состојба им одговара и ним во време на корона кога немаше кому да му ги понудат рекламите, ниту кој да ги види, па просторот немаше ни кому да го продадат. Па така ова е еден вид на компромис со кој Град Скопје си обезбедува една добра „реклама“ со која сака да испрати порака дека се грижи за своите граѓани и нивните потреби.
Приходите намалени, рекламирањата се одложуваат
Адеми вели дека со корона кризата приходите им се драстично намалени, речиси 80 отсто од клиентите имаат потпишано анекси за одложување на годишните договори. – Се надеваме дека од март наредната година ќе се вратиме во некоја нормала. Бизнисот со надворешно рекламирање во цел свет е во сериозна криза. Ова е втор удар на нашиот сектор, еднаш во 2008 со глобната економска криза и сега со короната, вели Адеми за ПИНА.
Па така ова може да се толкува како еден вид на компромис со кој Град Скопје си обезбедува една добра „реклама“ со која сака да испрати порака дека се грижи за своите граѓани и нивните потреби.
Градот почна со отстранувањето на билборди на три дена пред почетокот на предизборната кампања, која почна на 24 јуни. Според податоците коишто ПИНА ги обезбеди од Градот Скопје, за овие речиси три месеци од најавените 240 досега се отстранети 200 рекламни паноа, односно сите 120 ситилајтови кои биле на јавни површини и 80 билборди. Отстранувањето на билбордите освен концесионерите ги затече и политичките партии, кои за изборите добија и помал број на билборди, односно места, на кои може да ги промовираат нивните ветувања, но и своите кандидати за пратеници, партиските водачи и симболи. Сепак, не останаа без промоција низ градот, па некои одбраа локации и приватни објекти, за кои Град Скопје нема надлежност да ги контролира.
Сега, остануваат да бидат отстранети уште 40 билборди, но и „дивите“ односно нелегално поставените рекламни паноа низ градот. Градот засега изработил регистар на нелегално поставени билборди и ги утврдил локациите. Надлежен градски инспектор на поставувачите им издал записник и законски рок до кога да ги отстранат. Ако не ги отстранат во законскиот рок, на поставувачите ќе им биде изречена глоба, градот ќе ангажира компанија за отстранување, но трошоците ќе ги сносат поставувачите.
Помалку билборди, помалку пари
Со старата програма четирите компании кои беа избрани уште во 2012 година, на градските власти годишно им плаќаа по 302.000 евра како надоместок за концесионирање и потрошена струја или вкупно 1,2 милиони евра годишно.
Со измените на програмата и анексите на договорите Град Скопје тврди дека за ослободување на просторот на граѓаните тие се откажале за 20 отсто од приходите кои ги добивале од рекламните објекти. Ако досега земале 100.000 евра месечно само од рекламите низ градот, по отстранувањето на дел од нив ќе земаат 80 илјади месечно или 960 илјади евра годишно (заокружена пресметка).
За возврат од Град Скопје велат дека компаниите, концесионери кои закупуваат простор за рекламирање, биле ослободени од надоместокот којшто му го плаќаат на Град Скопје за период од три месеци, додека траеше вонредната состојба, а сега со помалку билборди и ситилајти ќе даваат 20 отсто помалку за месечна закупнина. На барање на ПИНА од Градот ни ги доставија анекс договорите потпишани со секоја компанија посебно, но и Меморандумот за разбирање и соработка што го потпишале со управителите на овие четири фирми. Со овој Меморандум секоја компанија се согласува да се избришат сите локации за ситилајти и на секој концесионер да му се доделат точно одредени по 140 локации за билборди. Според анексите, сега наместо 302 илјади евра годишно, четирите фирми ќе плаќаат по 217 илјади евра годишно. Во градската каса ќе влегуваат помалку пари, а компаниите наместо да се „борат“ за да добијат концесии од Градот, ќе се „борат“ да најдат реклами за паноата кои им останаа низ Скопје.
Билборд кој го нема во Програмата на Градот?
Според сознанијата на здружението Импетус кое онлајн ги мапираше билбордите на партиите на терен, партијата ВМРО ДПМНЕ имала поставено билборд на зграда (слика во прилог) кој е во сопственост на Скрин Медиа. Истиот, според нив не е назначен како локација во Програмата за поставување урбана опрема – рекламни паноа на подрачјето на Град Скопје за периодот 2012-2027 година. Согласно оваа Програма, за зона 1, односно централното градско подрачје не е предвидено поставување на билборди, освен сити лајтови и ЛЦД панели. Прашавме во Град Скопје колку оваа локација се смета за легално поставување на билборди во зона 1 согласно Програмата на Град Скопје и зошто овој билборд не е вклучен во Програмата.
,,Град Скопје е надлежен за рекламни објекти (билборд, ситилајт…) поставени на јавните површини во државна сопственост. Посочените локации (поставени на приватни објекти и земјиште) не се во наша надлежност и ние не даваме никакво одобрение за нивното поставување“, ни одговорија оттаму.
Град Скопје
Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.